08/06/2025

Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност ќе одлучува за поскапувањето на полисата

Денес Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност на седница ќе треба да го разгледа Извештајот од Националното биро за осигурување за оправданоста и исправноста на донесената одлука за поскапување на полисата за задолжителното автомобилско осигурување од страна на осигурителните компании и да се преземат соодветни чекори во насока на заштита на крајните потрошувачи.

Комисијата за автомобилска одговорност која е именувана од Владата согласно Законот за задолжително осигурување во сообраќајот ја сочинуваат членови од Министерството за финансии, Националното биро за осигурување и Агенцијата за супервизија на осигурувањето.

Таа е надлежна за утврдување на Тарифата на премии за осигурување на сопствениците на моторни возила од одговорност за штети предизвикани на трети лица.

Комисијата е надлежна за утврдување на премијата за осигурување која ја плаќа договорувачот на осигурувањето, односно осигуреникот, а која се состои од техничка премија која ја утврдува Владата на предлог на Комисијата и дел на премија за вршење на дејноста на осигурување (режиски трошоци) што ги утврдуваат осигурителните друштва самостојно со посебна одлука на Друштвото за осигурување.

Со донесената одлука за зголемување на цената на полисата за задолжително осигурување од страна на осигурителните компании за 15,55% поскапува полисата што ја плаќаат крајните потрошувачи при регистрација на нивните возила со моќност од над 44 киловати. Поскапувањето се движи од 840, па се до 1600 денари во зависност од моќноста на возилото.

Споделете