09/06/2025

Комисиска расправа за предлогот Ана Павловска Данева да биде избрана за уставна судијка

Комисијата за Собраниски прашања на изборите и именувањата на денешната седница се очекува да расправа на само една точка на дневниот ред – утврдување на предлогот за избор на судија на Уставен Суд. За уставен судија, според материјалите објавени на веб-страната на Собранието е предложена универзитетската професорка Ана Павлова Данева.

На првата седница одржана за оваа точка одржана на 25 месецов, не беше утврден дневниот ред. На оваа седница, пратеничката група од ВМРО-ДПМНЕ побара појаснување зошто е повлечен претходниот предлог за уставен судија и посочија дека со новиот предлог за судија не се запазени важни услови.

-Кога се бираат судии секогаш се внимава на две нешта кои не се исполнети во случајов. Првиот е да има департизација, тоа значи тој што е судија да нема политичка активност или политичка определба. Предлогот е истакнат правник, но дури и некој да е професор со искуство од областа кога ќе дојде на местото кандидат за уставен судија веќе имаме проблем со репутацијата, рече Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ.

Д-р Ана Павловска-Данева е редовен професор на научната област Административно право и јавна администрација на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Родена на 22.02.1973 година во Скопје.

Студиите ги започнала на Правниот факултет при Московскиот Државен Универзитет „М.В. Ломоносов“ во Москва, а во 1993 година дипломирала на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Магистрирала во 1998 година на тема „Омбудсман – заштитник на правата и слободите на граѓаните“. Истата година била избрана за помлад асистент на научната област Управно право на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, а веќе следната 1999 година била избрана за асистент. Во 2004 година, се стекнала со научен степен доктор на правни науки, со одбрана на докторската дисертација на тема „Управни договори“ и е избрана за доцент на научната област управно право на Правниот факултет „Јустинијан Први“, по што напредува во звањата и станува вонреден професор (2009 година) и редовен професор (2013 година).

Предлогот Данева да биде нов уставен судија дојде откако на 24 јануари во Собранието по година и половина расправа беше повлечен предлогот за Љубомир Јовески да биде уставен судија. Тогаш тој изјави дека е изненадувачки и вулгарно предлогот да биде повлечен без да се наведат точни причини за тоа, при што му била нанесена штета.

Уставниот суд веќе подолг период работи во некомплетен состав, бидејќи постапката за избор на нови членови е заглавена во Собранието.

Споделете