Блинкен: Ситуацијата на Блискиот Исток сега е поопасна отколку во 1973 година

Сега ситуацијаат на Блискиот Исток е поопасна отколку што беше во претходните децении, изјави американскиот државен секретар Ентони Блинкен, пренесува ДПА
„Тврдам дека барем од 1973 година не сме виделе таква опасна ситуација во регионот како оваа со која се соочуваме сега. А, веројатно дури и пред тоа“, рече Блинкен на заедничката прес-конференција со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во Вашингтон. „И тоа е средината во која работиме“.
Тој предупреди на обидите да се искористи војната помеѓу Израел и Хамас за да се сее дополнителна нестабилност на Блискиот Исток. Исто така, тој додаде дека САД ќе одговорат на секој таков обид „одлучно“, но нагласи дека нивната цел е да се спречи ескалација на тензиите во регионот.
Дваесетина американски војници беа ранети, а тројца загинаа во напад со беспилотно летало врз американската воена база во Јордан во неделата, што ги зголеми стравовите од проширување на кризата на Блискиот Исток.
Американскиот претседател Бајден рече дека нападот „е извршен од радикални милитантни групи поддржани од Иран кои дејствуваат во Сирија и Ирак“ и се закани дека ќе возврати. Во понеделникот владата на Иран негираше било каква вмешаност во нападот.