Четири од пакетот закони на МИОА на собраниската Комисија за европски прашања

Во Собранието денеска ќе се одржи седница на Комисијата за европски прашања.
Членовите на комисијата ќе дискутираат за четири од пакетот закони подготвени од Министерството за информатичко општество и администрација – Предлог на законот за административни службеници, Предлог на законот за стручно усовршување и обука на административните службеници, Предлог на законот за вработените во јавниот сектор и Предлог на законот за безбедност на мрежни и информациски системи и дигитална трансформација, сите по скратена постапка.
Истите четири закони се на дневен ред и на собраниската Законодавно – правна комисија.
Министерот на МИОА Азир Алиу, минатата недела на прес-конференција ги повика пратениците да ги разгледаат сите дилеми во врска со предложените закони од МИОА, кои Владата ги усвои пред околу еден месец, а се заглавени во Собранието.
Се работи за законите поврзани со јавната администрација, за дигитализација и за медиуми на кои МИОА работело подолго време и кои, рече Алиу, кои се клучни и од суштинско значење за олеснување на животот на граѓаните. Тој посочи дека тие се поврзани со трите столба – администрација, дигитализација и медиуми од програмата на ЕУ наречена „Дигитална Европа“ со која нашата држава склучи договор минатото лето.