Само Сања Лукаревска е сигурен носител од СДСМ

Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски ни денеска, два дена пред партискиот конгрес, не ги откри имињата на носителите на листите за парламентарните избори. Само потврди дека Сања Лукаревска сигурно ќе биде носител на листа во една од изборните единици, но не кажа во која.
Во однос на информациите во јавноста дека наводно Лукаревска е преместена во третата изборна единица, а во втората се враќа Оливер Спасовски, Ковачевски децидно кажа дека „никој никаде не е преместен“.
Никој никаде не е преместен. Сите наши видни членови вршат функции кои имаат државно значење. Лукаревска е заменик претседател на партијата и директор на УЈП, исклучително чесно и одговорно ја извршуваше својата работа во текот на мандатот и тоа многу јасно се гледа од анкетите и таа сигурно ќе биде носител на листа во една од изборните единици, но во која, тоа ќе оставиме да одлучат раководството на партијата, Централниот и Извршниот одбор, а на крајот, секако, и Конгресот. Состаноците ќе бидат во сабота, прво ќе се одржи состанок на ИО, потоа седница на ЦО, а во попладневните часови ќе почне и Конгресот. Ова е статутарна процедура, не е првпат, туку вака се одвива изборот на кандидати за пратеници и носители на пратенички листи од првите избори. Убеден сум дека делегатите на конгресот ќе ги изберат најдобрите кандидати кои на достоен начин ќе го претставуваат и СДСМ и нашата проевропска коалиција – истакна Ковачевски, одговорајќи на новинарски прашања откако засади дрвце во Капиштец, во рамки на акцијата на Општина Центар по повод Денот на пролетта.
На прашањето кои се неговите предлози и во кого тој, како лидер на партијата, гледа носители, Ковачевски рече дека нема да одговори.
Ова е прашање кое нема да ви го одговорам зашто и кога се работеше за претседателски кандидат на државата, се држев до етичкиот аспект и до статутарните одредби на СДСМ, бидејќи финалниот збор го даваат органите на партијата, а не само еден човек. Како што беше со претседателскиот кандидат Пендаровски кој едногласно беше утврден со гласање на конгресот, исто ќе биде и за носителите и на кандидатите за пратенички листи – подвлече Ковачевски.