СДСМ: Силјановска е продолжена рака на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, реприза на Иванов

Кандидатката на опозицијата, Гордана Силјановска Давкова е само уште едно лице на ВМРО-ДПМНЕ, продолжена рака на Христијан Мицкоски, велат од СДСМ.
„Во изминатите четири години Силјановска делуваше како пратеник на ВМРО-ДПМНЕ и ги поддржуваше блокадите на македонското Собрание и европскиот пат на земјата. Силјановска покажа и докажа дека е ВМРО-ДПМНЕ, партија која ги негува единствено вредностите на изолација, затвореност и безнадежност. На Македонија не ѝ е потребен претседател кој ќе биде реприза на Ѓорге Иванов, кога шефот на државата беше слеп послушник на партијата и кога не можеше да донесе ниту една одлука без да го крене телефонот за да се јави во Белата палата“, додаваат од СДСМ.
Како што посочуваат оттаму, не смее да се дозволи деструктивните политики на Белата палата да се преселат во претседателскиот кабинет.
„Не смееме да дозволиме ВМРО-ДПМНЕ повторно да ја крои нашата судбина и да си поигрува со иднината на нашите деца. Затоа на претстојните избори граѓаните ќе дадат силна поддршка за Стево Пендаровски. Граѓаните ќе кажат НЕ за изолација и ДА за Европа“, завршуваат од СДСМ.