08/06/2025

Седум кандидати во трката за претседател на Македонија

Викендов актуелниот претседател Стево Пендаровски и професорката Гордана Силјановска Давкова и официјално ги собраа потребните 10.000 потписи, откако добија партиска поддршка, но и поддршка од граѓаните. До сега, седум потврдени кандидати се во трката за претседател на државата, а постапката продолжува за уште четири кандидати и ќе заврши на 8 март на полноќ.

Од СДСМ вчера информираа дека во рекордно време, односно за неполни 5 часа биле собрани 10.000 потписи за поддршка на кандидатурата за втор мандат на актуелниот претседател Стево Пендаровски. Владејачката партија синоќа поддршката за Пендаровски ја потврди и на Конгрес. Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ исто така објави дека до 12 часот биле собрани 12.000 потписи за нивната кандидатка Гордана Силјановска Давкова, за која завчера одржаа конвенција за поддршка.

Пендаровски на Конгресот на СДСМ порача дека широкиот фронт на поддршка не е само чест, туку и обврска за посветена, чесна и храбра кампања и издвојување на нова победа.

Тој ги оцени како лажни анкетите што ги прикажува ВМРО-ДПМНЕ и истакна дека вистинските анкети покажуваат дека СДСМ и Пендаровски ќе остварат двојна победа на изборите.

-Реалните анкети што тие не ги даваат во јавноста се дека тие се паднати под 45 пратеника, а ние сме над 50. Не е воопшто случајно денешниот резултат на СДСМ во собирањето на потписите. Трендовите од пред извесно време  се променети, рече Пендаровски.

Тој исто така упати критики до ВМРО-ДПМНЕ дека нема став за клучните прашања на државата, како што е преговарачката рамка за ЕУ и оцени дека ја направила најголемата стратешка грешка во историјата со бојкотот на пописот.

-Немојте да имате никаков страв, тоа се луѓе кои немаат никави квалитети, имаат само една желба да дојдат на власт и да останат во фотелји. Тоа не смееме да го дозволиме, рече Пендаровски.

Екс премиерот Димитар Ковачевски, пак, порача дека Пендаровски има јасна визија за просперитет и интеграција на државата во Европската Унија.

-Во досегашниот мандат покажа што значи да се биде претседател за сите.Во неговиот прв мандат земјата стана членка на Алијансата, а сега е време за наредниот чекор, во вториот мандат на Пендаровски да станеме членки на ЕУ, рече Ковачевски.

Тој нагласи дека на претстојните претседателски избори има само една шанса да го избереме правецот на државата, односно дали ќе продолжиме напред кон ЕУ или ќе се вратиме назад во изолација како што изјави Ковачевски.

-ДПМНЕ нуди само кризи, реваншизам и изолација, да бидеме заглавени нови изгубени години, статус-кво, без промени, без напредок, без иднина. СДСМ е единствената која нуди реална надеж за подобро утре, за сигурна европска иднина, посочи Ковачевски.

Пораки за изборни победи и вчера упати лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

– Очекувам убедлива победа во првиот круг со предност поголема од 100.000 гласови во однос на второпласираниот Стево Пендаровски, изјави Мицкоски откако се потпиша за кандидатурата на Силјановска – Давкова.

Според Мицкоски, поддршката со над 15.000 потписи собрани вчера од 8 до 12 часот е силен идикатор дека граѓаните се одлучни за промени.

Првиот круг од претседателските избори  ќе се одржи на 24 април, а вториот на 8 мај заедно со парламентарните избори. Изборната кампања за претседателските избори почнува на 4  април, а за парламентарните на 18 април. Во тек е увидот во избирачкиот список.

Потребните 10.000 потписи ги обезбедија и лидерот на „ЗНАМ“ Максим Димитриевски, актуелниот министер за надворешни работи Бујар Османи кој ќе настапи на изборите како кандидат на ДУИ, претседателот на ГРОМ, Стевче Јакимовски, кандидатот на Левица Билјана Ванковска, како и Арбен Таравари од коалицијата на албанската опозиција „Вреди“.

Споделете