Грција: ДОСЛЕДНО И СТРОГО ПОЧИТУВАЊЕ НА ДОГОВОРОТ ОД ПРЕСПА!!!

Исклучително тешко е за Грција да прифати дека во период од пет години не беше можна замена на пасошите, брифираат грчки дипломатски извори во однос на издавањето нови патни исправи кај нас и додаваат дека Скопје не ја контактирало Атина за евентуално продолжување на рокот.
Владините извори од Грција објаснуваат дека 12 февруари како краен датум за приспособување на документите, особено на патните исправи и регистарските таблици на автомобилите е временски рок одреден пред пет години, а официјална Атина очекува целосна имплементација.
Во однос на трите меморандуми со Македонија, истите извори објаснуваат дека тие се поврзани и со почитувањето на Договорот од Преспа и како тој се имплементира, а во Парламентот за ратификација ќе бидат донесени во соодветното време кое ќе го одлучи грчката Влада.
Истите извори потенцираат дека Атина инсистира на доследно и строго почитување на Договорот од Преспа.