09/06/2025

Убиен обвинителот што го истражуваше нападот на ТВ станицата во Еквадор

Сезар Суарез, обвинителот кој го истражуваше упадот во еквадорската телевизија од страна на членови на банда вчера бил убиен на пат кон судот во Гвајакил, најопасниот град во Еквадор.

Локалните власти соопштија дека нападот се смета за атентат и додаваат дека тој бил застрелан повеќе пати.

Суарез го истражуваше нападот на телевизијата кој се случи минатата недела, кога членови на банда упаднаа во студио за време на програма во живо и го држеа персоналот под закана со оружје.

Оттогаш уапсени се 13 лица, од кои две малолетни лица.

Нападот се случи набргу откако Адолфо Масијас, озогласен шеф на банда избега од затвор, по што беше прогласена национална вонредна состојба и ноќен полициски час.

Во Еквадор во последно време е регистриран значителен пораст на насилството, вклучувајќи експлозии во некои градови, киднапирање на полицајци и земање затворски персонал како заложници.

22 криминални банди се прогласени за терористички организации додека Даниел Нобоа, претседателот на Еквадор се обидува да ги прекине немирите поврзани со трговијата со дрога.

Споделете