08/06/2025

Предлог законот за употреба на македонскиот јазик пред матичната собраниска комисија

Денеска собраниската Комисија за култура на седница треба да расправа за предлог-законот за употребата на македонскиот јазик, во второ читање. Предлагач на законот е Министерството за култура, а целта е подигнување на јазичната култура, негување, заштита и афирмација на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, како и потребата од зголемена општествена и индивидуална грижа за правилна употреба и организирање активности во таа насока.

Според предлагачот, со новиот закон ќе се прошират областите во коишто задожително се употребува македонскиот јазик. Исто така, ќе се прошири и опсегот на задолжително лекторирање на текстови што се објавуваат во: општите и поединечните акти на законодавната, судската и на извршната власт, како и на единиците на локалната самоуправа, службените документи и текстови на овие органи, но и на јавни установи и институции од областа на образованието, културата и науката.

Со предлог-законот ќе се даде правна основа за донесување на национална стратегија за македонскиот јазик. МОН ќе објавува конкурси за стипендирање на кадар за изучување на македонскиот јазик. Како што беше пракса и досега – и со овој закон проверката на потребното стручно заење за лекторирање ќе се врши преку полагање на испит за добивање на лекторска лиценца. За вршење на инспекциски надзор над примената на законот се предлага Инспекторат за употребата на македонскиот стандарден јазик, орган во состав на Министерството за култура со својство на правно лице, се наведува во предлог законот за употребата на македонскиот јазик.

Споделете