Судот го призна тестаментот на Арета Френклин од 2014 година

Записот од пејачката Арета Френклин од 2014 година, пронајден во нејзиниот кауч по нејзината смрт во 2018 година, е важечки тестамент, според Законот во американската сојузна држава Мичиген, заклучи денеска поротата на крајот од судењето што ги подели синовите на „Кралицата на соул-музиката“.
Имено, адвокатите на Кекалф и Едвард Френклин тврдеа дека документот напишан 2014 година има предност пред тестаментот од 2010 година, којшто беше откриен речиси во исто време во заклучен плакар – во домот на Арета Френклин што се наоѓа во предградието на Детроит. Браќата Кекалф и Едвард се здружија против третиот брат Тед Вајт Втори кој тврдеше дека валиден тестамент од 2010 година се чува под клуч и дека тој документ е многу поважен и поверодостоен од „хартиите“ пронајдени во каучот.
По краткото судење кое почна во понеделникот, поротата расправаше помалку од еден час. Кога беше прочитана пресудата, се радуваа Кекалф и Едвард и нивните деца.
Има разлики меѓу верзиите на тестаментот од 2010 и 2014 година, иако и двата документи укажуваат дека четирите сина на Арета треба да ги делат приходите од нејзината музика и авторските права. Според тестаментот од 2014 година, Кекалф и неговите деца ќе го наследат главниот дом на неговата мајка во Блумфилд Хилс, што во мигот на нејзината смрт беше проценет на 1,1 милион долари, но денес вреди многу повеќе.