СДСМ: Инфлацијата се намалува, економските политики даваат резултат

Економските политики на Владата предводена од СДСМ за зачувување на животниот стандард на граѓаните даваат конкретни и видливи резултати. Официјалните податоци од Државниот завод за статистика ги потврдуваат нашите заложби и прeземените чекори за намалување на инфлацијата и зголемувањето на платите во нашиот мандат, велат од СДСМ.
Додаваат дека инфлацијата за месец мај 2023 е на ниво од 11,3% споредено со истиот месец од 2022 година, но трендот на намалување на инфлацијата е очигледен.
– Од 19,8% во октомври 2022 година, на 11,3 % за претходниот месец, што е сериозно намалување на инфлацијата. Од друга страна го имаме растот на платите кој за првите три месеци се движи во интервалот од 12,4% до 13,2% повисока просечна плата споредено со истиот период од лани, нагласуваат тие.
Посочуваат дека сето тоа е поради навремените и ефикасни економски политики на Владата предводена од СДСМ која со сиот свој капацитет се справи со негативните последици од најголемата економска криза во Европа по Втората светска војна.
– СДСМ, како одговорна партија продолжува со грижа за сите граѓани, продолжува да презема конкретни мерки и чекори што значат заштита и унапредување на животниот стандард, стои во соопштението.