Средба Мицкоски-Ковачевски денес во Клубот на пратениците

Премиерот на Република Македонија Димитар Ковачевски и лидерот на опозиционата ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска во Клубот на пратениците ќе одржат тет-а-тет средба на која треба да се разговара за иднината на земјата во контекст на евроинтеграциите условени со уставните измени и вклучувањето на Бугарите во Преамбулата. Ковачевски повикува опозициската партија да ги поддржи уставните измени, додека пак, ВМРО-ДПМНЕ во деновите пред официјалните разговори го потврди ставот дека уставни измени под бугарски диктат нема да има.
Според соопштението на Владата од понеделникот, на средбата Ковачевски-Мицкоски ќе се разговара за одлуките кои треба да се донесат во Собранието со цел продолжување на европската интеграција на земјата, како и за пристапот на државата, институциите и сите политички фактори во насока на градење и одржување на добрососедски односи со нашите соседи.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, во понеделникот соопштија дека ставот на партијата е дека уставни измени нема да има и ова Собрание нема легитимитет за таков чекор.
-Очекуваме Ковачевски да излезе од стегите и заложништвото на ДУИ и да прифати да разговара за периодот што по фактот дека уставните измени нема да го имаат потребното мнозинство, посочија од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што беше најавено, Христијан Мицкоски во меѓувреме се сретна со пратеничката група и коалицијата, кои потоа излегоа со соопштение потврдувајќи го ставот дека не ги поддржуваат уставните измени под овие услови. Исто така, беа објавени и фотографии со потписи на сите 44 опозициски пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.
Мицкоски синоќа од трибина во Прилеп упати апел за национално единство и обединување и како што рече „околу најважната работа, а тоа е како да опстоиме како држава и како да почнеме да победуваме така што ќе ги оствариме стратешките интереси важни за сите граѓани“. Тој додаде дека не постои она што го велат од владата или уставни измени или изолација, туку единствено мора да има зачувување на идентитетот и фер шанса за влез во Унијата.
Вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Марчиќ вчера истакна дека очекува на средбата да бидат поставени сите прашања со уставни измени, да се разговара околу самиот текст и околу процесот како да се изведат тие најбрзо и наједноставно со цел да ги продолжиме преговорите и да ја отстраниме можната блокада.
-Мислам дека само дијалогот е најдоброто решение и пред да започне процедурата во Собрание, логично е да седнат лидерите на најголемите политички партии, да поразговараат. Владата ќе биде конструктивна и секогаш ќе биде конструктивна, вели Маричиќ.
Посочи дека она што е важно е опозицијата да ја сфати својата одговорност во носењето на овие одлуки.
-Тие ја пропуштија таа шанса за НАТО, за Преспанскиот договор, не треба, еве им се дава прилика да не ја пропуштат овој пат, со тоа што овој пат текстот, содржините на измените е далеку, далеку, да речеме е со помала тежина и предизвикува помали проблеми, во однос на тоа што било претходно, рече Маричиќ.
Маричиќ е дециден доколку не се направат уставните измени, дефинитивно ќе биде испуштена шансата за влез во ЕУ.
Пратеникот Миле Лефков на прес-конференцијата повтори дека она што е важно е дека уставни измени под диктат нема да има и треба да се размисли на пропаста и последиците од уставните измени.
Предлог-иницијативата за уставни измени е во владина процедура и се уште не се знае кога ќе помине на седница. Откако ќе се случи тоа, таа ќе биде испратена до Собранието со што отпочнува постапката за измена на Уставот. Во рок од 30 дена, предлогот треба да биде ставен на седница. Претседателот на Собранието Талат Џафери, неодамна изјави дека тие 30 дена за разгледување на иницијативата од страна на пратениците може да се искористат за политички разговори.
Работната група на седница одржана пред десетина дена ја усвои Предлог-иницијативата за потребата од измени на Уставот со насоки за изменување и дополнување.
Промените се во делот на Преамбулата со тоа што се додаваат неколку народи. Во Преамбулата после „… бошњачкиот народ“ се додаваат зборовите „бугарски народ, хрватски народ, црногорски народ, словенечки народ, еврејски народ, египќански народ“, изјави по состанокот претседателката на работната група, Маргарита Цаца Николовска. Втората измена, како што дополни таа, е во делот за дијаспората и во Амандманот 34, кој е заменет со член 49 и Амандманот 2. Во овој Амандман на Уставот на Република Северна Македонија со кој се заменува членот 49 и Амандманот 2, после „… бошњачкиот народ“ исто така се додаваат зборовите „бугарски народ, хрватски, црногорски народ, словенечки народ, еврејски народ, египќански народ“.