08/06/2025

ДОЖИВОТЕН ЗАТВОР за напаѓачот во училиште во Флорида: „Ти си обичен фанатик и без пиштол си ништо“

Судот во Флорида го осуди Николас Круз (24) на доживотен затвор за убиство на 17 деца и училишен персонал во Флорида во 2018 година.

Поротата минатиот месец гласаше „да“ за да го поштеди Круз од смртна казна, избирајќи доживотен затвор без можност за условно ослободување за едно од најсмртоносните масовни убиства во историјата на САД.

Круз минатата година се изјасни за виновен за убиство од прв степен за неговото дивеење на 14 февруари 2018 година.

Судијката на округот Бровард, Елизабет Шерер, се согласи со барањето на обвинителството прво да им дозволи на роднините на жртвите на Круз да се обратат до судот пред да биде изрекувана пресудата. Постапката за изрекување на казната започна во вторникот со изјави за влијанието на жртвите.

Голем број роднини на жртвите ја осудија одлуката на поротата и го критикуваа државниот закон кој бара сите 12 поротници да бидат едногласни за да осудат лице на смрт.

„Колку треба да биде злосторството големо за да се оправда смртна казна?“, рече Аника Дворет, мајка на 17-годишната жртва Николас Дворет.

Некои роднини, исто така, ги прекоруваа адвокатите на Круз, кои неуспешно приговараа до судијата заради критиките кон нив и поротниците, истакнувајќи дека Круз има уставно право на правно застапување.

Роднините на многу од жртвите директно разговараа со Круз, кој седеше зад големи очила и маска против COVID-19 на неговото лице. Круз имал 19 години за време на нападот во средното училиште Марџори Стоунман Даглас во Паркленд.

Ен Ремзи, мајка на 17-годишната Хелена Ремзи, му рекла дека е „чисто зло“, Инез Хиксон го нарече „домашен терорист“ поради убиството на нејзиниот свекор, директорот за атлетика на училиштето Крис Хиксон.

Саманта Фуентес, која беше застрелана во ногата од Круз, му рекла дека е „фанатик од омраза со АР-15 и со  комплекс на бог“. „Без твојот глупав пиштол, ти си ништо“.

Споделете