Планинарски марш на Пелистер во чест на првиот Македонец што се искачи на Монт Еверест!

Планинарскиот спортски клуб „Пелистер“ денес го организира 34 традиционален планинарски марш во слава и чест на Димитар Илиевски – Мурато, првиот Македонец кој се искачи на највисокиот врв на светот, Монт Еверест. На маршот се очекува присутство на планинари од земјава, но и од странство.
Планинарите до Димев Врв ќе се движат по две маршути изјави Диме Попов, претседател на ПСК „Пелистер“-Битола.
-Првата група планинари утрово стартуваше во 7 часот од Инфо центар и ќе се движат до Палиснопје, потоа Ловечка куќа, врв Пелистер и Димев Врв, додека втората маршрута стартуваше од Нижо Поле, потоа преку Дебел Рид, Големо Езеро и Партизански Врв, а на Широко Стапало ќе се спојат двете групи планинари и заеднички продолжуваат до врвот Пелистер, а потоа до Димев Врв. Според востановената традиција, за време на маршот, пред сите учесници ќе потсетиме на ликот и делото на Димитар Илиевски-Мурато и ќе положиме цвеќе пред споменикот на Мурато што се наоѓа во дворот на планинарскиот дом „Копанки“, потврди Попов.
На 10-ти мај 1989 година, пред 34 години, битолчанецот Димитар Илиевски – Мурато, како член на македонската алпинистичко-хималајска експедиција „Еверест 89“, беше првиот македонски алпинист кој се искачи и го освои највисокиот планински врв на светот Монт Еверест висок 8,848 метри.