АВМУ: Ќе продолжиме да делуваме проактивно на зголемување на свеста за улогата на медиумите

Од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) соопштија дека, денешниот ден, под мотото „Обликување на иднината на правата: Слободата на изразување како и двигател за сите други човекови права“ има за цел да ја зголеми свесноста за улогата на новинарите и медиумите во промовирање на демократијата и на човековите права и да потсети дека без слобода на медиумите нема слобода на изразување.
– Според последниот извештај на Репортери без граници за 2023 година, Македонија бележи значајно подобрување на полето на слободата на медиумите, но и понатаму има предизвици со кои треба да се справи. Во таа насока, Агенцијата како и досега ќе продолжи да делува проактивно на зголемување на свеста за улогата на медиумите, се подвлекува во соопштението.
Тие додаваат дека Светскиот ден на слободата на медиумите се одбележува по 30-ти пат и претставува потсетник за владите и организациите да го почитуваат правото на слобода на изразување, кое е предвидено со член 19 од Универзалната декларација за човекови права на ОН.