УПОЗ: Сериозно и континуирано се кршат правата на вработените во УЈП

Денеска преку соопштение синдикатот на УПОЗ, како потписник на Колективниот договор во Управата за јавни приходи, реагираше на, како што велат, континуираното и сериозно кршење на правата од работен однос во оваа институција.
Според нив, во оваа институција долг временски период се ограничуваат правата на вработените со носење на поединечни акти на работодавачот, не се применуваат законските одредби и одредбите на Колективниот договор, особено оние кои се однесуваат на начинот на пресметка на платата и други надоместоци од работен однос и се прават незаконски времени и трајни прераспоредувања на вработените.
Тие од Владата, Министерството за финансии и од УЈП бараат утврдување и исплата на додаток на плата од 30% и за вработените во УЈП почнувајќи од јануари годинава и пресметувањето и исплатата на платата, надоместоците и додатоците на плата најитно да се усогласат и да се врши согласно Колективниот договор. УПОЗ бара и усогласувањето на платите да биде согласно порастот на индексот на трошоци на живот во случаи кога ќе надмине 10 проценти во споредба со претходниот месец, да се признава степенот на образование на вработените и да се прекине со временото распоредување на вработените и тоа да се користи во случаи и на начин како што е пропишано согласно законот и Колективниот договор.
– Време беше изворно да се слушне барем дел од вистината и за вработените во УЈП кои долги години на различни начини се обесправени во остварување на своите права од работен однос, велат од Синдикатот на УПОЗ, повикувајќи ги Државниот инспекторат за труд, Државниот завод за ревизија, Народниот правобранител и Комисијата за дискриминација да спроведат надзор по допрен глас во Управата за јавни приходи.