09/06/2025

Милановиќ: Ако сака Србија во ЕУ, мора да воведе санкции за Русија

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ изјави денеска дека Србија мора да воведе санкции кон Русија доколку сака да влезе во Европската унија.

„Ако Србија сака да влезе во ЕУ, мора да ги прекине ваквите односи со Русија, мора. Мора да воведе санкции“, изјави Милановиќ за новинарите по прославата на 1 мај организирана од Асоцијацијата на независни синдикати на Хрватска.

Тој му рекол на Белград дека војната во Украина трае повеќе од една година, а тие се уште не се изјасниле „каде се“.

Коментирајќи ја вчерашната средба меѓу хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ и српската премиерка Ана Брнабиќ во загрепските Бански дворови, Милановиќ рече дека тој се смета за русофил, додека премиерот (Андреј Пленковиќ) „е најнормален и прави некакви големи, но прилично нејасни планови со луѓе кои се руската платформа во Европа“.

„Брнабиќ е портпаролот, таа е курир на господинот Вучиќ. Се разбира, тоа не го потценувам, но треба да знаеме кој каква улога игра“, додаде Милановиќ и ја повика Србија да престане „да зборува за етничко чистење во Хрватска“.

Брнабиќ вчера учествуваше на Големото собрание на Српскиот национален совет (СНВ) во загрепската концертна сала Ватрослав Лисински.

СНВ „не ги застапува Србите во Хрватска“, тоа е „измама“ и „не е претставничка институција“, изјави денеска Милановиќ.

На собранието на СНВ во Загреб присуствуваше и српскиот министер за човекови и малцински права и социјален дијалог, Томислав Жигманов, кој по собранието изјави дека Пленковиќ ја прифатил поканата да ја посети хрватската заедница во Србија во втората половина на јуни.

„Вучиќ го сфати Жигманов како гест, но всушност тоа не му треба бидејќи има мнозинство без Жигманов. Пленковиќ е заложник на Пуповч и обратно. Тоа не е добар однос во политиката“, додаде Милановиќ.

Споделете