150 милијарди евра НАТО помош за Украина

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг за време на вчерашната посета на Украина, прва негова посета од почетокот на руската инвазија, изјави дека членките на алијансата испорачале повеќе од 150 милијарди евра помош од февруари 2022 година.
Столтенберг на заедничката прес-конференција со украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека сојузниците обезбедиле обука за десетици илјади украински војници.
-Сојузниците сега испорачуваат повеќе авиони, тенкови и оклопни возила, а фондот на НАТО за Украина обезбедува итна поддршка. Сето тоа прави вистинска разлика на бојното поле, рече Столтенберг.
Тој нагласи дека алијансата ќе обезбеди континуирана поддршка за Украина додека таа продолжува да се бори против „руската брутална агресивна војна“.
-НАТО стои покрај вас денес, утре и онолку колку што е потребно, рече Столтенберг.
Генералниот секретар на НАТО оцени дека Украина го заслужи своето место во евроатлантското семејство, а заслуженото место и е во алијансата. Тој додаде дека не се знае кога ќе заврши војната, но дека руската агресија е „токсичен модел“ што мора да се запре. „Затоа мораме да продолжиме да ги зајакнуваме украинските вооружени сили“, рече првиот човек на НАТО.
За време на престојот во Украина, Столтенберг ја посети Буча и им оддаде почит на жртвите на руските злосторства, се наведува во соопштението. Посетата ја заврши со обраќање на Меѓународниот самит на заедниците и регионите, каде рече дека решителноста на Украина да се бори против агресорот јасно покажува дека Украина ќе победа.