Лесно ќе најдам нов клуб, вели Лука Циндриќ

Хрватската ракометна легенда Лука Циндриќ, иако е на излезни врати од гигантот Барселона, откако клубот сака да го раскине договорот две години пред истекот, изјави дека размислува само на освојување на Лигата на шампионите, а потоа лесно ќе може да си најде некој нов клуб.
Циндриќ има договор со европскиот шампион до јуни 2025 година, но поради повредите оваа сезона и финансиските потешкотии, клубот сака да ја прекине соработката веќе на крајот од оваа сезона. Каталонскиот весник „Спорт“ минатиот месец објави дека клубот го информирал за својата одлука, а портпаролот на Барселона изјави дека новинарот на „Спорт“ е „добро информиран“.
„Како спортист и професионалец, не можам да коментирам за такви работи. Многу сум задоволен од клубот, тренерот и тимот. Само сакам да ја работам својата работа, и сега моите мисли се насочени само кон освојување на Лигата на шампионите“, изјави 29-годишниот Циндриќ.
Во летото 2019 година Циндриќ дојде од полски Киелце во Барселона, со која минатата година ја освои Лигата на шампионите и шпанското првенство.
„Можеби клубот има финансиски проблеми или нешто слично, но јас размислувам само за освојување на Лигата на шампионите. Што ќе се случи подоцна, не знам.
Полн сум со самодоверба и како играч и како човек, па верувам дека лесно ќе најдам нов клуб. Затоа не сум премногу загрижен што ќе се случи подоцна“, додаде Хрватот.
Барселона во четвртфиналето на Лигата на шампионите ќе се сретне со данскиот ГОГ Гудме.