08/06/2025

Денес ќе се одбележи денот на Првата пешадиска бригада

Во касарната „Страшо Пинџур” во Петровец денеска со воена свеченост ќе се одбележи денот на Првата пешадиска бригада (1.пбр).

Денот на 1.пбр како што е најавено треба да се одбележи со прогласување на најдобрата единица во составот на бригадата, доделување на награди и стимулативни мерки, свечено дефиле и тактичко технички збор на вооружувањето и опремата со кои располага бригадата.

Во рамки на прославата е предвидено обраќање од командантот на командата за операции, бригаден генерал Бесник Емини и командантот на 1.пбр бригаден генерал Сашко Лафчиски.

Единицата го слави втори април како Ден на единицата, ден по превземање на задачите и одговорностите на двете поранешни бригади. Единицата е трансформирана во најголема борбена единица во Армијата со застапеност од повеќе армиски родови.

На свеченоста ќе присуствуваат, заменик на началникот на генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин, државниот секретар во министерството за одбрана, Владимир Анчев, посебниот советник за безбедност од кабинетот на Претседателот, Блерим Кољали, генерали од Армијата, поранешни команданти на единицата, воени раководители од генералштабот и министерството за одбрана и претставници на локалната самоуправа и организациите со кои соработува единицата.

Споделете