Додека синдикатите со месеци протестираат за минимални покачувања, пратениците преку ноќ добија поголеми плати!

Ниту криза ниту инфлација не ги чепка македонските функциониери по последната одлука на Уставниот суд со која нивните плати во просек ќе се зголемат за неверојатни 78%, објавува Сител.
Според одлуката, Претседателот Пендаровски кој има најголема плата ќе добие зголемување од 72.500 денари, па неговата плата од околу 93.000 ќе скокне на повеќе од 165.000 денари.
Министрите и премиерот ќе однесат многу повеќе пари дома, имено нивните плати од околу 65.000 денари со покачувањето ќе скокнат за дополнителни 50.000 денари, па од први април на сметките ќе им „легнуваат“ по близу 2000 евра нето плата.
Пратениците на сегашната плата од околу 60.000 денари ќе добијат плус околу 700 евра месечно и нивната нето плата би изнесувала околу 1.700 евра.
Ниту сите заменици министри, градоначалници, директори во фирми и агенции нема да бидат изоставени од новите покачувања и би добиле близу 80% повисока плата. Повисока плата ќе добијат и судиите, меѓу кои се и оние од Уставниот суд кои со укинување на 2 члена од Законот за плати на функционерите го овозможија ова покачување!
Интересно е што иницијативата до нив ја понел адвокат од Скопје кој не сакал да коментира, а Уставниот суд по иницијативата одговорил во рекорден рок од 4 месеци. Додека другите иницијативи пред уставните судии чекаат и по неколку години.
Претседателот на Владата кои идниот месец треба да земе близу 2.100 евра плата или околу 900 евра повеќе, рече „Закон е закон и мора да го почитуваме“.
Со месеци протестираме за покачувања од 2000 денари, а тие, преку ноќ платите си ги зголемија за 80%, реагира Синдикатот на вработените во јавниот сектор.
Некои од функционерите кои следниот месец треба да добијат повисоки плати почнаа јавно да се откажуваат од покачувањето.
„Зголемувањето на платата, согласно одлуката на Уставниот суд во целост ќе го донирам за хуманитарни цели, семејства со ниски месечни примања и семејствата на уставобранителите. Имајќи ја предвид тешката економска и финансиска состојба во која живееме, почнувајќи од следниот месец разликата во платата ќе ја донирам за хуманитарни цели“, напиша на социјалните мрежи градоначалникот на Аеродром, Тимчо Муцункски.
Уставниот суд на седницата на 21 март донел одлука со која укина член од законот кој ја држеше основицата за пресметување на платите на функционерите на ниво од околу 26.000 денари. Потоа, оваа основица се множи со коефициент кој најчесто е меѓу 3 и 4 и се добива бруто платата на функционерот. Сега, по одлуката на судот, основицата од околу 26.000 скокна на над 46.000 денари, а со тоа и платите на функционерите.