Барањата за вонредно преиспитување на правосилната пресуда за „Јавна Соба“ Врховниот суд ги одби како неосновани

Советот за казниви дела при Врховниот суд на Република Северна Македонија на вчерашната седница одлучуваше по поднесените барања за вонредно преиспитување на правосилна пресуда по предметот познат во јавноста како „Јавна соба“.
Советот за казниви дела при Врховниот суд на Република Северна Македонија донесе пресуда Квп2.бр.23/2023 со која барањата за вонредно преиспитување на правосилната пресуда на Основниот кривичен суд Скопје К.бр.1851/21 од 11.03.2022 година и пресудата на Апелациониот суд Скопје КЖ.бр.588/22 од 24.11.2022 година, ги одби како неосновани.
Кривичниот суд изрече две казни за случајот „Јавна Соба“. Основачот и администраторот на групата каде се споделуваа порнографски материјали од жени од Македонија без нивна дозвола добија по четири години затвор.
Тие се гонеа бидејќи дозволиле да биде достапно видео на кое се прикажани полови дејствија со дете. Двајцата одговараа за кривично дело производство и дистрибуција на детска порнографија.
Обвинетите се огласуваат за виновни бидејќи првообвинетиот ја основал групата Јавна соба на Телеграм, а второобвинетиот како модератор иако морале да внимаваат што се прикачува во групата, дозволиле да се направи достапно видео со порнографски елементи со дете“, рече судијката.
Двајцата беа и во притвор поради опасност од бегство. А во обвинителниот акт стоеше: „Во периодот од 19.12.2019 година до 28.01.2020 година, двајцата обвинети, како основач и модератор на групата „Јавна соба“ на социјалната мрежа Телеграм, биле должни да се грижат за содржината на текстуалните и аудио-визуелните содржини кои се споделуваат од членовите на групата“.