Ван дер Белен: Македонскиот воз тргна за ЕУ, од вас зависи со која брзина ќе стаса во Брисел

На вчерашната официјална посета на државава, австрискиот претседател Александер Ван дер Белен, изјави дека Австрија изразува постојана и силна поддршка за евроинтеграцискиот процес на Северна Македонија, но од самата земја зависи кога ќе ги почне следните чекори во преговорите со ЕУ и колку брзо ќе се приклучи кон Унијата. Тој се сретна со државниот врв и во обраќањето до Собранието упати апел до опозицијата да се вклучи во процесот на уставните измени и да не ја загрозува македонската европска перспектива. Од властите порачуваат дека државата нема да пропадне ако во Преамбулата на Уставот се додадат три или четири народи кои живеат во земјава.
Ван дер Белен истакна дека патот на евронитеграција на земјава траеше долго, но тој сега е трасиран и од нас зависи кога Северна Македонија ќе ги продолжи чекорите и колку брзо ќе го изоди европскиот пат.
– Од пред речиси 20 години возот кон дестинацијата Брисел стоеше на железничката станица во Скопје, меѓутоа од јули 2022 година сигналите конечно покажуваат зелено светло и поради тоа ви честитам од срце. Северна Македонија го заслужува ова патување. Возот веќе тргна кон Брисел со скрининг процесот и е на добар пат, но движењето на возот кон Брисел не зависи само од сигналот, туку од постојаното додавање енергија, а за време на патот кон Брисел и Владата и Парламентот на Северна Македонија треба да ја даваат таа енергија, рече австрискиот претседател.
Белен потенцира дека е свесен оти патот на земјава кон Унијата е тежок и ја разбира фрустрацијата поради времетраењето на процесот, но замоли да не ја „изгубиме целта од вид“.
– Да работиме заедно за скорешен примен на Северна Македонија во ЕУ. Јас можам да гарантирам дека Австија и во иднина ќе ви стои на располагање како сигурен партнер, порача австрискиот претседател.
Во обраќањето до пратениците во Собранието, тој ги замоли и ги охрабри да останат мотивирани и концентрирани, потенцираќи дека за да може земјава да го продолжи процесот за членство во ЕУ, мора да се направи следниот чекор кој не е воопшто лесен, алудирајќи на промената на Уставот, согласно Преговарачката рамка усогласена во јули минатата година со членките на Унијата.
– Сакам јасно да кажам дека не верувам оти е реалистично дека договорот од јули 2022 година ќе се преговара уште еднаш, рече Ван дер Белен.
Претседателот Стево Пендаровски на зедничката прес-конференција по средбата со Ван дер Белен, истакна дека оние кои мислат дека европската Преговарачка рамка не е добра и дека кога тие би биле во позиција да преговараат би направиле подобра, очигледно не знаат како функционираат механизмите во рамките на ЕУ.
Единствениот пат за да се постигне потребното двотретинско мнозинство во Собранието за уставни измени е да разговарате со луѓето од опозицијата, изјави претседателот Стево Пендаровски
– Ако некој може да испреговара подобра Преговарачка рамка, јас ќе бидам првиот кој ќе му честита на тоа. Меѓутоа ги уверувам да не се обидуваат тоа да го прават денес, утре, задутре, догодина, затоа што нема да има шанса одново да се преговара една работа која е договорена со 27 земји членки на ЕУ, изјави Пендаровски.
– Не би сакал да видам каков било друг пристап во постигнувањето на тие две третини и ако влеземе со искрена намера, да се разбереме, ве уверувам дека аргументите се на страната на оние, вклучувајќи ме и мене, кои веруваат дека самата содржина на тој уставен амандман, внесување на Бугарите во нашиот Устав, е бенингна промена и на ниеден начин не ги загрозува македонската сувереност, независност, ниту европскиот пат, рече Пендаровски, додавајќи дека ако не успееме да ја извшиме промената на Уставот повторно ќе бидеме блокирани на европскиот пат, но овојпат по сопствена одлука.