Пензионерите во април ќе добијат повисоки пензии за 8,4%

За две недели пензионерите ќе добијат повисоки пензии за 8,4%. Советот за социјална сигурност го усвои покачувањето според новата методологија за корекција на пензиите – 50% од порастот на просечната плата и 50% од зголемените трошоци за живот.
Новото покачување на пензиите ќе им донесе 900 денари плус на корисниците на најниски пензии. Оние, пак, кои со највисоки пензии ќе добијат околу 4 илјади денари плус.
Сојузот на пензионери ја поздрави одлуката, но укажа и на потребата од нов пакет финансиска помош за најранливите пензионери, доколку буџетот има таква кондиција.
– Бидејќи тие се краткорочни мерки, пензионерите бараат некои од тие права што им беа дадени, доколку има можност, да продолжат и понатаму. Ние како сојуз сме свесни дека сите предлози што се даваат треба да бидат и одржливи, изјави Станка Трајкова, претседателка на СЗПМ
Министерката за труд, пак, најави дека наскоро ќе се утврди и минимална пензија. Кој ќе биде прагот ќе се дискутира во иднина.
– Ќе им излеземе во прсрет на оние со најниски пензии и согласно податоците од светска банка да го утврдиме тој праг на сиромаштија со кој ќе ги заштитиме пензионерите од ранливост., изјави Јованка Тренчевска, министерка за труд и социјална политика.
Во земјава живеат околу 330 илјади пензионери. Од нив, најголем дел користат пензија до 20 илјади денари.