Наместо доделувањето на Оскарите, над 8 милиони гледачи го следеа финалето на оваа серија

Хит серијата на HBO „Последните неколкумина“ ја затвори првата сезона со уште еден триумф. Последната, деветта епизода привлече 8,2 милиони гледачи, соборувајќи го сопствениот рекорд на серијата, а успехот е уште позначаен ако се земе предвид дека била објавена за време на телевизиското емитување на овогодинешните Оскари.
Ова не е прв пат датумот на објавување на нова епизода на „Последните неколкумина“ да се совпадне со емитување на важен настан. Поради финалето на Супер Боул, петтата епизода беше прикажана два дена порано, додека четвртата успеа да привлече 7,5 милиони гледачи за време на преносот на Греми наградите.
Иако во меѓувреме стана најгледаното шоу во историјата на HBO Max во Европа и Јужна Америка, премиерната епизода на „Последните неколкумина“ со 4,7 милиони гледачи заостана зад успехот на стриминг платформата, серијата „Куќа на змејот“. Сепак, на крајот ги надмина резултатите од популарниот приквел на „Игра на тронови“ со просечна гледаност од 30,4 милиони гледачи по епизода. Интересно е и како во текот на првата сезона се зголемила гледаноста на серијата за цели 75 проценти.
За потсетување, „Последните неколкумина“ е адаптација на истоимената видео игра на развојното студио Naughty Dog (компанијата која ги прави Краш Бандикут игрите), која првично беше претставена во 2013 година како ексклузива за PlayStation и беше оценета како најдобра игра на сите времиња. Серијата, базирана на играта, се одвива 20 години откако модерната цивилизација е уништена и го следи криминалецот Џоел, кој го игра Педро Паскал, кој има задача да ја прошверцува тинејџерката Ели (Бела Ремзи) од зоната на карантин.
Со текот на времето, навидум лесната задача се покажува како голем залак за Џоел, бидејќи за време на бруталното патување низ САД, двајцата преживеани се целосно зависни еден од друг.
Серијата го катапултираше до слава американскиот актер роден во Чиле, Педро Паскал, кој го толкуваше главниот лик Џоел Милер во адаптацијата на HBO на истоимената видео игра. Педро се појави порано во некои успешни ТВ-шоуа, како што се сериите „Игра на Тронови“ и „Мандалоријанецот“, но популарноста што ја заслужува поради своите актерски способности ја стекна дури по првите епизоди на „Последните неколкумина“.
Љубовниот статус на Педро е прилично непроѕирен. Познато е дека тој беше во врска со колешката Марија Дизиа со која се појави во серијата „Закон и ред“, а се останато е шпекулација. Тој не е религиозен, отворено се залага за левичарски идеи и јавно го поддржуваше Габриел Бориќ за време на претседателските избори во Чиле.
„Многу сум среќен поради тоа што сега се случува во Чиле“, изјави тој по победата на Бориќ. Тој особено се залага за правата на ЛГБТК+ заедницата бидејќи има и трансродово лице во неговото семејство: тоа е неговата помлада сестра Лукс, исто така актерка и активист. Триесетгодишната Лукс, родена како Лукас Балмакеда, вели дека поддршката и разбирањето на нејзиниот брат биле клучни во процесот на транзиција завршен пред две години.