Јорданов: Лажна вест и дезинформација е дека мојата плата ќе се покачи

По градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓоѓиевски, на социјалните медиуми се огласи и градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, по повод лажните вести за зголемувањето на неговите месечни примања.
Текстот на Јорданов го пренесуваме во целост:
Лажна вест и дезинформација е дека мојата плата ќе се покачи, а целта е јасна, да се наштети лично на мене како Градоначалник и на работата на Општина Штип!
Згрозен сум од ваквите обидите на СДС, но во исто време и силно мотивиран …
Како Градоначалник на Општина Штип, сакам да ја обелоденам вистината за лагите и измислиците, кои се шират од кујната за лажни вести на СДС.
Целосно ги демантирам лажните вести, поврзани со платата на Градоначалникот на Општина Штип и ја информирам јавноста дека не се работи за зголемување на платата на Градоначалникот, бидејќи секој што го познава Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката, знае дека платата на Градоначалникот е утврдена со член 17-в од споменатиот закон, во кој за исплата на плата на функционери и именувани лица, основицата е законски утврдена, а коефициентот со кој се множи основицата, се пресметува според бројот на жители.
Mojата плата останува иста како и на сите Градоначалници на Општина Штип пред мене, доказ за тоа е дописот од Министерство за финансии, во прилог на оваа објава!
А во периодот што следи веројатно ќе се начитаме вакви измислици и лаги, што за жал на нашите политички опоненти им е единствена надеж за добивање на ситни политички поени!