Боки 13 подготвува да достави „бомби“ до ОЈО ГОКК за криминал во највисоките државни структури

Од адвокатскиот тим на Бојан Јовановски – Боки 13 информираат дека тој иницирал постапка пред јавниот обвинител Ислам Абази кој е шеф на ОЈО ГОКК – Скопје.
На ден 16.02.2023 година Бојан Јовановски во писмена форма, своерачно потпишана од негова страна, побара да биде изведен во најкус можен рок, исклучиво пред обвинителот Ислам Абази и во присуство на полномошниците м-р адвокат Владимир Туфегџиќ, адвокат од Скопје и Сашо Дуковски адвокат од Скопје, поради тоа што истакнува дека единствено има доверба во посочениот јавен обвинител. Бојан Јовановски во писмото до јавниот обвинител истакна барање за поднесување на кривини пријави на записник кои се однесуваат на лица и настани поврзани со коруптивни, казниви дела и криминални дејствија на лица од највисоките државни структури од сферата на политиката, правосудството, бизнис елитата и други лица кои биле во заедничка корелација на сторување.
Со наведеното ја информираме јавноста дека започнува исклучително сериозен и сензитивен процес, дотолку повеќе што Бојан Јовановски при поднесувањето на кривичните пријави на записник ќе ги предаде сите докази во поткрепа на пријавите , а доказите кои ги поседува се во форма на снимени разговори, транскрипти, пораки, фотографски и видео записи ( т.н. “бомби” ) како што е и наведено и во самото барање до јавниот обвинител од страна на Бојан Јовановски, се вели во соопшетението.


Од адвокатскиот тим на Бојан велат дека ќе бидат споделувани информации за отпочнатиот процес и ја повикуваат јавноста со внимание да го следи процесот. Особено важно, како што велат тие поради статусот и положбата на Бојан Јовановски.
Тие апелираат дека по започнувањето на овој процес Бојан ќе биде изложен на интензивна тортура, притисоци и закани, па оттука повикуваат на разумност и поддршка од општата и стручната јавност.