Распишан јавен повик на Општина Штип за доделување на материјална поддршка на спортски клубови, спортски здруженија и спортски институции

Општина Штип распиша јавен повик за доделување на материјална поддршка на спортски клубови, спортски здруженија и спортски институции кои извршуваат јавен интерес во спортот во општината и спортски манифестации кои се одржуваат на тeриторија на Општина Штип.
Средствата се во вредност од 16.000.000,00 денари обезбедени од Буџетот на Општина Штип и ги повикуваме и охрабруваме сите оние кои во изминатиот период постигнале резултати да се пријават на овој повик.
Општина Штип во изминатиот период се гордее со секоја победа и секој успех од областа на спортот, затоа што Штип е град од кој потекнуваат врвни и афирмирани спортски имиња. Во текот на минатата година како Општина инвестиравме во уредување, реконструкција и изградба на спортско рекреативни игралишта со нови и специјализирани тартан подлоги, вештачка трева, спортски и детски реквизити, заштитни огради како и целосно лед осветлување на истите, нешто кое ќе го продолжиме и оваа година.
Ние како Општина ќе останеме постојани партнери на спортот и младите, бидејќи спортот зазема значајно место во секое развиено општество учејќи ги најмалдите на вистинските вредности, на тимска работа, меѓусебна почит, споделување на победи но и прифаќање на поразите.
Животните вештини научени преку спортот ги обединуваат индивидуите и заедниците создавајќи еден цврст мост помеѓу етничките и културните разлики.