Ковачки: МВР крие убиство на полицаец кој бил масакриран до смрт

Еве како МВР се грижи за своите вработени и колку транспарентно ја информира јавноста.
На 15 јануари ја известија јавноста дека некој Скопјанец бил прободен со нож поради недоразбирање во сообраќајот.
На 19 јануари ја известија јавноста дека бил приведен Скопјанец кој бил осомничен за убиство во обид.
Ова се точни известувања, но од јавноста се крие целата вистината.
За што се работи?
На 15 јануари, враќајќи се од работа, полициски службеник бил избоден до смрт. Напаѓачот бил ѕверски агресивен, го бодел полицискиот службеник со боксирач на кој имало сечиво од нож. Му го пресекол вратот и со нож му го отворил стомакот на неколку места на полицискиот службеник.
И наместо веднаш да отворат потрага по напаѓачот, неспособните тоа го прават после цели 4 часа од настанот. Ова е доволно време за кое напаѓачот можел да избега надвор од државата.
Значи, од информацијата за закачката во сообраќај е сокриено дека всушност станува збор за масакриран полициски службеник кој се враќал од должност.
Веројатно нема да дознаеме зошто МВР крие дека станува збор за масакриран полициски службеник враќајќи се од должност и очекувам оваа информација да биде релативизирана по примерите на исфрлените полицајци од полициската станица во Арачиново или погодениот во стомак затворски полицаец кон кого не било пукано туку бил погоден случајно од куршум што се одбил од таванот на комбето.
*Тоа што секој си зема за право да напаѓа овластени лица на државата е доказ дека респектот е изгубен и дека стравот од санкција т.е. казна не игра никаква улога во тој однос, а тоа е така затоа што ја донесоа државата во состојба во која се’ може да се купи и плати.