ВМРО-ДПМНЕ го обвини Спасовски за инцидентот со избеганиот затвореник, МВР демантира било каква поврзаност

Командирот на кој му избега убиецот, избркан за поткуп, а Спасовски го вратил и направил Командир во Идризово, на фејсбук статуси со да живее СДСМ, се вели во партиското соопштение на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
-Командир на смена во Идризово кој е одговорен за проценка на ризик при транспорт на затвореници дента кога се пренесувал убиецот кој избега, а притоа повреди полицајци е човек близок до СДС. Командирот Димитријевски е поставен од Спасовски, и истиот е задолжен за проценката на ризик, тој можел да побара асистенција од МВР, што е пракса кога постои зголемен ризик од бегство. Зошто не побарал треба да одговори и самиот Спасовски кој го враќа во МВР и унапредува. За каков криминалец, ако не за осуденик за убиство постои зголемен ризик од бегство? Кој е Срѓан Поп Димитријевски? Тој е Командир на смена во Идризово и не ја крие својата поддршка за СДС, па јавно на својот фејсбук профил објавува содржини со наслови да живее СДС. Според нашите информации, Командирот на смена во чија смена се случило бегството пред неколку години бил избркан од МВР, како последица на учество во криминални дејствија, информациите говорат дека тој бил фатен на дело во ПС Бит Пазар при кривично дело Поткуп по што бил избркан од работа. Со доаѓањето на Спасовски тој го враќа и го поставува на командирска позиција во Идризово. Зошто Спасовски го вратил и унапредил овој полициски службеник, кој бил фатен во вршење на кривично дело на работа? Дали истиот е вратен затоа што дава поддршка на СДС? Дали Спасовски го вратил на работа за во иднина тој истиот да може да ги повтори делата или да направи нови од полза на СДС? Прашаа од ВМРО-ДПМНЕ.
Спасовски е одговорен за бегството на затвореникот убиец. Тој не само што е министер во МВР, туку е и министерот кој го вратил командирот Димитријевски на работа по извршен криминал, и го поставил на командирска позиција. Спасовски не може да бега од одговорност. Спасовски да се соочи со последиците од својата неспособност и криминогеност. Оставка веднаш, додаваат од опозициската партија.
На оваа Соопштение на ВМРО-ДПМНЕ, МВР испрати демант во кој се вели дека тие не се надлежни за обезбедување на затворите туку тоа е Министерството за правда и Управата за узвршување на санкции.
Министерството за внатрешни работи најостро ги демантира лагите на ВМРО-ДПМНЕ изнесени во денешното соопштение. Станува збор или за свесно лажење или за комплетна неписменост и недоветност, затоа што и полуписмен човек знае дека МВР нема врска со затворската полиција, туку таа е во склоп на Министерството за правда односно Управата за извршување санкции.
Оттаму министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ниту можел ниту има било каква врска со именувањето командири во затворот Идризово, затоа што буквално нема никаква надлежност за тоа. Бараме ВМРО-ДПМНЕ да се извини и да ги повлече ваквите неверојатни лаги кои ги пласираат во јавноста, стои во демантот на МВР.