08/06/2025

Ѓорѓиевски: Обезбедена е донација на книги напишани со Брајово писмо кои за првпат во Македонија излегуваат од печат

Обезбедена е донација на книги напишани со Брајово писмо кои за првпат во Македонија излегуваат од печат, за дечињата со оштетен вид од ДУРМДОВ ,,Димитар Влахов”- напиша на својот фејсбук профил градоначалникот на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски.

Ѓорѓиевски најави издание од неколку книги кои треба да се изработат и излезат од печат во наредниот период, нешто кое за прв пат се случува во Македонија.

Денес се одбележува Светскиот ден на Брајовата азбука. Во насока на унапредување на условите за учење и напредок, обезбедена е донација на неколку книги кои за првпат во Македонија излегуваат од печат. Се работи за насловите: ,,Големата Вода” во три дела, ,,Големи и мали” прв и втор дел, ,,Волшебното самарче” прв и втор дел, ,,Повикот на дивината” прв и втор дел и ,,Силјан Штркот”– додава тој.

Градоначалникот во својот статус додава и дека се работи за популарни книги кои сега ќе бидат достапни за слепите и учениците со намален вид, овозможувајќи им да уживаат во литературните изданија исто како нивните врсници. Важноста на овој подарок кој им го обезбедуваме е дотолку поголема ако се знае дека книгите напишани со Брајово писмо се скапи заради специфичниот начин на изработка, а исто така и ретко можат да се најдат и во слободна продажба.

Споделете