Опозицијата без став по предлогот за разрешување на Коцевски

Опозицијата се уште нема изградено став за тоа како ќе гласа во Собранието по однос на предлогот на власта државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски да биде разрешен. Сепак, за СДСМ обидите за промена на Коцевски се обиди за партизација, а вистинските реформи треба да се бараат преку доближување до европското правосудство.
„Ние како СДСМ се ќе поддржиме што се однесува на реформата во правосудството што е во контекст на приближувањето на нашето правосудство со тоа во европската унија. Јасен е патот, сметам дека сето друго што значи отстапка од тој пат е практично обид за партизација на судството и обвинителството и мислам дека тоа навистина не ни е потребно“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Власта пак, смета дека Коцевски бил инсталиран од претходната Влада и дека токму поради тоа што опозицијата е против негова смена, тој треба да биде разрешен.
„Самото тоа што тие велат дека не треба да се промени Коцевски, ние мора спротивно да работиме – да направиме се што е во нашата моќ да го промени бидејќи знаеме што мислат граѓаните за правосудниот систем под палката на оваа коалиција СДСМ и ДУИ во минатото. Довербата е два, три проценти, така што јас очекувам овој процес брзо и ефикасно да заврши и да биде избран обвинител којшто ќе биде заштитник на правдата, а не заштитник на владата на СДСМ и ДУИ“, рече премиерот Христијан Мицкоски.
Владата вчера го усвои предлогот на Министерството за правда и треба да го достави до Советот на јавни обвинители, но од Советот велат дека се уште го немаат добиено. Од Владата за Алсат велат дека во тек се одредени процедури за доставување на предлогот и истиот наскоро ќе се најде пред членовите на советот. Откако предлогот конечно ќе пристигне во советот, членовите ќе имаат две недели да изготват мислење, а независно дали ќе дадат позитивен или негативен став, за разрешувањето на Коцевски последниот збор ќе го имаат пратениците во Собранието.