СДСМ со документи за корупција против вицепремиерот Изет Меџити

Дали вицепремиерот Изет Меџити ја залоупотребил службената положба и дали обвинителството и ДКСК ќе отворат предмети прашуваат и денеска од Бихаќка откако излегоа на пресконференција со документи со кои тврдат дека Државниот управен инспекторат со решение ги одземал ингеренциите на Меџити за потпишување административни документи.
Од најголемата опозициска партија и денеска го вперија прстот кон Меџити но и го прашуваат премиерот Мицкоски дали е запознаен со случајот во кој како што велат од Бихаќка Меџити ги заобиколувал институционалните процедури и своеволно одлучувал кои предмети ќе ги одобрува, а кои не.
Премиерот Мицкоски пак денеска одговарајќи на новинарско прашање и околу обвинувањата на ДУИ за Меџити дека како што тврдеа правел списоци за вработување посочи дека тоа е дел од нивниот фолклор но и дека како што рече до сега со Меџити имале добра соработка, а доколку некој поседува документи за било какво незаконско работење да ги достави до него.
Од Влен пак и денеска реагираа на обвинувањата на ДУИ. И им порачаа да се позанимаваат со нивните внатрепартиски кадри наведувајќи:
– ДУИ продолжува да се обидува да ја излаже јавноста со нивните лажни ветувања за ветинг и внатрешно прочистување . Но ако навистина сакаат да се борат против корупцијата нека започнат од Бујар Османи човекот кој чудно беше заштитен од судска одговорност. ДУИ при ветинг и нека провери дали Бујар Османи беше министер или бледа сенка и другар на Артан Груби. Османи беше преносник на пораки меѓу Скопје и Будимпешта носејќи тајни договори за враќање на Никола Груевски.
ТВ 24 се обиде денеска да исконтактира и директно со министерот Меџити по однос на последните обвинувања од СДСМ но не одговори на повиците. Без одговор и од Државниот Управен инспекторат но и обвинителството кои пак посочија дека самиот инспекторат кој беше посочен треба да се произнесе дали и како постапил доколку констатирале некои неправилности за да може да проверат дали воопшто имало отворено некаков предмет против министерот.