08/06/2025

Kpeшник Бектеши: Сакаат да го тргнат албанскиот од декларациите на производите

Крешник Бектеши од ДУИ изјавува дека парламентарните групи на Левица и ВМРО-ДПМНЕ сакаат да го тргнат албанскиот јазик од декларациите на производите. Во измените на Законот за заштита на потрошувачи во 2023 беше дозволена декларација на албански јазик на македонските производи наменети за малопродажба.

Според поранешниот министер за економија, Левица поднела иницијатива до Собранието, за која Бектеши рече дека била и во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ. Тој додаде дека aлбанците сочинуваат голем дел од пазарот и потрошувачите, а негирањето на албанскиот јазик, рече Бектеши, е дискриминација без преседан.

„Во рамките на Собранието беше поднесена иницијатива од Левица, која беше дел од програмата на ВМРО-ДПМНЕ со која се натпреваруваше на изборите, за целосно укинување на албанскиот јазик во делот на заштитата на потрошувачите кај производите. Во однос на пакувањето, декларациите и содржината, не треба да има обврска од страна на трговците и производителите да објаснуваат на албански јазик каква е содржината на даден производ. Ова е спротивно на секој принцип, против секоја директива на ЕУ, а да не зборуваме дека тоа се граѓани кои како потрошувачи сочинуваат околу 30 отсто од пазарот ида им се ускрати правото на јазик во делот за производи, ова е дискриминација без преседан“, рече Бектеши.

Споделете