„Постојано да има полиција на улиците, само казни за ред и дисциплина“ – Граѓаните ги поздравуваат засилените сообраќајни контроли на МВР (ФОТО)

Засилени сообраќајни контроли спроведува Министерството за внатрешни работи изминативе денови на подрачјето на главниот град. Од МВР најавуваат дека ваквите контроли ќе продолжат и во иднина и апелираат граѓаните да ги почитуваат и да се придржуваат до сообраќајните правила и прописи.
За пет дена, од 5 444 исконтролирани возачи во Скопје, констатирани се 2 592 прекршоци, што значи дека речиси секој втор кој што бил запрен, сторил некаков прекршок. Од нив 195 прекршоци се за немање на возачка дозвола, а вкупно 19 алкохолизирани возачи возеле моторно возило. Нерегистрирано возило возеле 50 лица, додека 695 возеле побрзо од дозволеното.
Граѓаните ја поздравуваат оваа активност на МВР и даваат полна поддршка. Дел од нив на социјалните мрежи пишуваат дека само удар по џеб може да ги, како што велат, опамети луѓето. Други бараат засилени контроли од страна на полицијата во сообраќајот да има и во другите градови, не само во Скопје.











Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на јавната расправа на собраниската Комисија на тема „Анализа и утврдување на потребата за изменување на законската регулатива со цел зајакнување на безбедноста во сообраќајот“ зборуваше за неколку измени во законската регулатива кои би требало да станат важечки дел од законодавството со цел заштита на безбедноста на граѓаните во сообраќајот и ултимативно намалување на жртви во сообраќајни незгоди.
Тошковски истакна дека ќе набават тестови за дрога за сообраќајната полиција, а се разгледува можноста и за воведување мерка за трајно одземање на возило при најтешки случаи на безобзирно возење.
Ќе се прошируваат на можностите на системот „Безбеден град“ за да препознава нерегистрирани возила, а се работи на дигитализација и целосно поврзување на МВР со судовите со цел полесна евиденција на изречените забрани за управување со моторно возило.
Тошковски е дециден дека имаме едни од најстрогите закони за сообраќајни инциденти, но проблем е судската пракса.
Како што појасни, во нашата држава, при сообраќајна несреќа со смртни последици, имаме предвидена казна затвор од четири до 20 години, во Словенија казната е од една до 12, во Хрватска од три до 15, Германија до десет, а во Србија од пет до 15 години затвор, што значи дека проблемот не е во предвидените казни од аспект на строгост бидејќи тие се едни од најстрогите во Европа.
Системот „Сејф сити“, како што најави министерот, треба да профункционира од 1 јануари 2026 година. Тој вели дека за овој систем за автоматизирано регистрирање сообраќајни прекршоци да почне да работи, освен поставување техничка инфраструктура, треба да се усогласат низа закони. Формирана е работна група во која има експерти од различни области, претставници на повеќе институции и МВР, кои, според министерот, интензивно работат на решение.
Превентивни активности
Министерството постојано работи и во делот на превенцијата. Секторите за внатрешни работи спроведуваат разни превентивни активности, а во изминативе недели, меѓудругите, кампањи се спроведуваа и во делот на безбедноста во сообраќајот.
„Не пиј кога возиш“ – превентивна активност на СВР Охрид

Целта на кампањата е насочена кон подигнување на степенот на безбедносна култура и на свеста кај граѓаните за зголемена внимателност и будност кај сите учесници во сообраќајот, а пред се кај возачите на моторни и други возила што треба да придонесе за повисока безбедност во сообраќајот. Истовремено и полициски службеници од полициската станица за безбедност во сообраќајот на патиштата при ОВР Кичево, на подрачје на Кичево спроведоа едукативно-превентивната кампања „Паркирај совесно, паркирај одговорно”.
Превентивни активности на подрачјето на СВР Штип

Отсекот за превенција при СВР Штип, во содејство со полициски службеници од Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај Штип, на повеќе локации во Штип и на автопатот Штип – Миладиновци реализираа превентивно – едукативни активности од областа на безбедноста во сообраќајот. Во рамки на активностите, спроведени под мотото „Паркирај совесно – паркирај одговорно“ и „Стави појас”, полициските службеници ги потсетуваа и советуваа возачите за важноста од почитување на сообраќајните правила и прописи, со корисни совети за поголема безбедност во сообраќајот.
„Не користи мобилен телефон додека возиш“ – превентивна активност на ОВР Берово

Целта на превентивната активност беше зголемување на сообраќајната култура и почитување на сообраќајните правила и прописи. Преку непосредна комуникација со возачите, им беше укажано за опасноста од користење на мобилен телефон за време на управување со моторно возило.
Превентивна активност на СВР Струмица за побезбеден сообраќај

Полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Струмица спроведоа едукативно предавање со учениците од второ, трето, четврто и петто одделение од основното општинско училиште „Маршал Тито“ во село Муртино, струмичко, а на тема „Безбедност во сообраќајот“, со посебен акцент околу сообраќајните правила важни за децата како учесници во сообраќајот.
„Вози одговорно -стави појас“ – превентивна активност на ОВР Свети Николе, СВР Струмица и СВР Велес
Полициски службеници од Отсекот за превенција при ОВР Свети Николе спроведоа превентивна активност под мотото „Вози одговорно -стави појас“. Ваква кампања спроведоа и
Полициски службеници при СВР Струмица и СВР Велес.
Само во изминативе три години имало 393 човечки жртви како последица на сообраќајни незгоди. Во 2024 година имало 142 човечки жртви.