Еролд Муслиу не бил дискримиран при разрешувањето од директор на Агенцијата за разузнавање, констатира Уставен

Аргументите на Уставниот суд на прес-конференција ги образложи, судијката Ана Павловска Данева, која се осврна посебно на двата основи наведени во барањето на ексдиректорот на Агенцијата за разузнавање.
Во однос на наводите за полова дискриминација, аргументите на Муслиу биле дека Сиљановска-Давкова за време на претседалеската кампања, како и кога стапила на функцијата често во медиумите давала изјави дека ќе ги приоретизира жените на високи политички функции и дека ќе се залага за таква позитивна дискриминација.
Судот, како што кажа Павловска-Данева, констатирал дека тука нема дискриминација бидејќи самите изјави на „кандидатката за претседател во тоа време, а потоа и претседателка на државата не преставуваат доказ дека некој е дискримиран“.
„Заложбата за поголемо влијание на жените и нивно поставување на високи политички и било какви други јавни функции е заложба на секој еден граѓанин на државата, особено граѓанин кој врши јавна функција и има моќ да одлучува. Кога Судот одлучува за дискриминација мора да се докаже дека лицето кое тврди дека е дискриминирано има некакво својство или припадност што го прави различно од сите други лица и заради таа различност неговата можност била елиминирана да се здобие со некаков право. Во конкретниот случај барателот не ни докажа за кое право се работи, тој не ни наведува за кое право всушност тој се бори. Ние резониравме дека според станува збор за тоа дека му е ускратено правото да го заврши вториот мандат на јавна функција што всушност не е уставно загарантирано право. Сите носители на функции подлежат на разрешување“,рече уставната судијка.
Во однос на наводите за политичка дискриминација, на која се повикува Муслиу, судијката кажа дека услов за едно лице да биде именувано на функцијата директор на Агенцијата за разузнавање е да не е припадник на ниту една политичка партија и на ниту еден политички субјект.
„Оттука ние тргнуваме од сигурна претпоставка дека тој не бил член на ниту една партија и нема доказ дека е, што е добро. Ако не бил член на ниту една политичка партија, тогаш не може да биде политички дискриминиран од страна на друга политичка партија. Уште повеќе, кандидатката за претседателка, сега актуелната претседателка на државата, во време кога беше кандидат за претседател, општо познат факт е дека таа не беше и сè уште не е член на ниту една политичка партија. Да, беше поддржана од одредена политичка групација, но не е член“, рече Павловска-Данева.
За Уставниот суд, како што посочи таа, исто така било релеватно и тоа што поранешниот претседател на државата (Стево Пендаровски), кој го имануваше Муслиу за директор на Агенцијата за разузнавање, исто така, не беше член на ниту една политичка партија, туку како и Сиљановска-Давкова беше поддржан од одредена политичка опција.
„Ако е така тогаш не може да има дискриминација по политички основ. Тоа се аргументите на Судот. Одлуката, едногласно донесена е дека нема политичка, ниту полова дискриминација при разрешувањето на г. Муслиу од функцијата директор на Агенцијата за разузнавање“,рече судијката Ана Павловска-Данева.
Еролд Муслиу раководеше со Агенцијата за разузнавање од 2019 година, а од функцијата беше разрешен од претседателката Сиљановска-Давкова на 28 јуни, минатата година.
На местото на Муслиу, за директорка на АР, актуелната претседателка на државата ја именуваше Габриела Јаковлева.