Законот за надворешни работи послужи за oтповикување на осум амбасадори

Автентичното толкување на Законот за надворешни работи врати осум амбасадори во земјава. Владата врз основа на заклучокот на Законодавно-правна комисија од 2 декември дека кандидатите за амбасадори мора да бидат сослушани во Собранието пред да им биде потпишан указ од претседателот на државата за упатување, покрена иницијатива со која во земјава се враќаат амбасадорите од Босна и Херцеговина, Јакуп Реџепи, од Шведска – Џенк Сејфила, Методија Белевски амбасадор во Белгија, Агнеза Руси Поповска од Бугарија, Емил Крстевски од Република Чешка, Пајо Авировиќ од шеф на Постојната мисија при Меѓународните организации, Зеќир Рамчиловиќ од Црна Гора и Катерина Ставревска од Велика Британија и Северна Ирска.
„Осум амбасадори се отповикуваат поради непочитување на законската процедура, односно непрезентирање на завршните согледувања пред надлежното тело во Собранието“, се наведува во одговорот од МНР за Телма за отповикување на амбасадорите.
Од МНР за Телма објаснуваат дека автентичното толкување на член 39 од Законот за надворешни работи укажало дека процедурата за упатување не е завршена доколку завршните согледувања не бидат презентирани во Собранието.
„Со тоа, претседателот на државата немал правен основ за потпишување на указот за упатување, што е јасно наведено во автентичното толкување“, наведуваат од МНР.
Во Македонија се враќа и амбасадорката Светлана Гелева амбасадор при Советот на Европа, но поради истек на мандатот. Гелева која повеќе од 30 години работи во МНР, минатата година беше вброена во 75-те жени значајни за историјата на Советот на Европа.
Од осумте амбасадори, како што за Телма информираат од МНР, тројца се враќаат на средина од нивниот мандат, додека петмина биле упатени пред помалку од една година, односно во февруари 2024. На средината од својот мандат се враќаат Руси Поповска од Бугарија, Белевски од Белгија и Рамчиловиќ од Црна Гора.
Инаку токму собраниската Комисија за надворешна политика пред која идните амбасадори ги презентираа своите тези, а за која автентичнотот толкување на законот утврди дека е задолжителна, беше главната кочница за упатување на амбасадори во време на претходната влада. Тогашниот претседателот на Комисијата, Антонио Милшоски, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во повеќе наврати не ги закажуваше или ги одлагаше седниците за сослушување на амбасадори, па така во 2021 година амбасадорите за Русија, Австрија, Италија и Индија пет месеци чекаа Милошоски да ја закаже седницата за нивното сослушување.
Во меѓувреме, и покрај автентичното толкување на Законот за тоа што се смета за завршан процедура за упатување на амбасадор, МНР подготви измени на Законот во кои во член 17 децидно се наведува дека „претседателот потпишува указ по заврешните подготовки и презенитрањето на своите согледувања пред работно тело на Собранието”.
Владата освен што враќа девет амбасадори, испраќа и четворица нови.
- „Во однос на новите предлози за амбасадори, информираме дека двајца се од редот на професионалните дипломати, еден е поранешен професионален дипломат, а еден е истакната личност од општествениот живот“, велат од МНР.
Димитар Блажевски кој е предлог за амбасадор во Украина и Драган Ѓурчевски за амбасадор во Хрватска се двајцата професионални дипломати, односно доаѓаат од редовите на вработените во МНР. Ѓурчевски во дипломатијата влегува во 2010 година од функцијата Директор на агенцијата за млади и спорт. Андријана Цветковиќ е предлогот за Јапонија, каде веќе била амбасадорка од 2014 до 2018. Амбасадор во Франција ќе биде нефрологот Игор Николов, советник на премиерот Христијан Мицкоски за здравствени политики.
Од МНР не откриваат колку со варќањето на деветте и упатувањето на четворица нови амбасадори ќе има упразнети шефовски места по дипломатско-конзуларните претставништва на Македонија. Од таму наведуваат на секое од упразнетите места има вршители на должност, кои редовно ги извршуваат дипломатските и конзуларните активности.