08/06/2025

Македонија од 1993 година има добиено над 840 милиони долари преку USAID

По извршната наредба на американскиот претседател за суспензија на сета финансиска помош за странски држави, во рок од 90 дена треба да се разгледа кои програми ќе продолжи да ги поддржува новата администрација, кои, според препораките, треба да бидат во согласност со визијата на Трамп за надворешната политика. Одлуката, со која се информирани сите американски амбасади, ги засега невладините организации и различните меѓународни организации.

Од 1993 година, американскиот народ, преку Американската агенција за меѓународен развој (USAID), има обезбедено повеќе од 840 милиони долари за Македонија кон нејзината цел за евроатлантска интеграција, вклучувајќи ги ЕУ и НАТО. Помошта е насочена кон борба против корупцијата, зголемување на отчетноста и транспарентноста, поттикнување на граѓанскиот активизам и младите. Но, не само тоа, помошта е наменета и за економски развој, зајакнување на енергетскиот сектор, како и за сајбер безбедност.

Според објавените податоци од USAID, од 2014 до 2023 година, USAID инвестирал околу 130 милиони долари во програми за Македонија. Како што може да се види на графиконот, годишната вредност се движи од 12 до 20 милиони долари. Во зависност од временскиот период, USAID финансирал програми од областа на добро владеење и граѓанско општество, бизнис и други услуги, конфликти, мир и безбедност, како и во образованието, здравството, земјоделството, екологијата, администрацијата, индустријата и други области.

И покрај континуираните американски инвестиции во зајакнување на демократијата и институциите, Македонија продолжува да се соочува со еден од најголемите непријатели на правната држава – корупцијата, за која Стејт департментот секоја година ја истакнува својата сериозна загриженост. Судството, исто така, е едно од најтемните полиња, за што актуелната амбасадорка, Анџела Агелер, во 2023 година имаше испратено писмо до судските институции и Владата, изразувајќи го своето разочарување од слабите резултати, и покрај американската инвестиција. Слично писмо во 2018 година испрати и поранешниот американски амбасадор Џес Бејли, кој им порача на судиите да не се повикуваат на него и на САД кога донесуваат одлуки.

Амбасадорите постојано упатуваат директни критики за недостатокот од резултати, особено во борбата против корупцијата и организираниот криминал, што можеби е една од причините зошто земјата ја напуштаат младите.

Споделете