Aктерот Сашко Коцев со автомобил удрил во полицаец па побегнал

Сашко Коцев со автомобил удрил полицаец, па побегнал. Од „МВР“ велат дека во инцидентот кој се случил синоќа актерот со неговиот „Фолксваген“ удрил во полициски службеник пред хотелот „Мериот“.
„С. К. управувајќи возило ‘Фолксваген’ не застанал на знак за запирање даден од полициски службеник кој извршувал службени дејствија, агресивно се однесувал, по што со возилото го удрил полицискиот службеник и го напуштил местото“, велат од „МВР“.
Коцев со своја верзија на настанот. Во изјава за „Алфа“ негира дека имало инцидент. Рече дека во автомобилот бил со сопругата и детето и потенцираше дека немал намера да прегази никого.
„Имаше една кола голема црна и не можевме да поминеме. Жена ми ја оставав на состанок во „Мериот“, а детето позади го земав од музичко. Тргнав тука и викам кои сте вие да затворате улица? Тој ми вика „Сега ќе видиш ти, почекај малце ќе видиш кои сме“. И ми застана пред колата, а детето почна да ми плаче. Јас не возев, стоев во место. Добро му викам сега тргни се да поминам. Да можеби бев нервозен, но не сум дивеел, бев со дете во колата. Само ја попуштив кочницата и се придвижи колата. Го допрев, а тој се поттргна и удри со рака по хаубата. И толку беше. Јас си отидов“, изјави Сашко Коцев.
Коцев тврди дека не го удрил полицаецот со својот автомобил, ниту пак знаел дека се работи за полиција. Од МВР пак велат дека по инцидентот актерот го напуштил местото на настанот и дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.