08/06/2025

Состојба на патиштата за ден 24.12.2024

Сообраќајот на државните патишта се одвива по влажни коловози, наместа со остатоци од кашест снег на коловозот.

Забрани за тешки товарни возила се воведени на патните правци Дебар – Маврово, Кичево – Гостивар на превојот Стража и Тетово – Попова Шапка каде за останатите возила е задолжителна зимската опрема.

Од 07:30 часот поради врнежи од снег се воведува забрана тешки товарни возила и преку планинскиот превој Барабарос.

Јавното претпријатие „Македонија пат“ информира дека на патниот правец Страцин-Куманово има магла поради што видливоста е намалена од 100 до 150 метри.

Од Авто мото сојузот на Македонија ги потсетуваат возачите дека од 15 ноември на сила е законската обврска за носење на зимска опрема во возилата без оглед на моменталната временска состојба.

Снег и силен ветер предизвикуваат значителни проблеми во сообраќајот во Хрватска, БиХ и Србија.

Снегот и ветерот предизвикуваат големи проблеми на хрватските патишта, а според најавите на метеоролозите, до крајот на денот се очекуваат уште посериозни временски непогоди.

Поради ветерот и наносите снег, за сообраќај се затворени автопатот А1 Загреб-Плоче-Караматичи меѓу јазлите Свети Рок и Поседарје, а во прекин се некои фериботски и катамарански линии, извести утрово Хрватскиот авто-клуб (ХАК) .

Обиколницата е дозволена само за патнички возила по рутата: Свети Рок-DC50 Грачац-Обровац-Карин-Смиљчиќ-јазол Задар исток и наплатната станица Горња Плоча.

Снегот, кој постојано паѓа од вчера, го отежнува сообраќајот и во поголемиот дел од Босна, додека во Херцеговина коловозите се влажни. БиХАМК посебно предупредува на делниците преку планинските премини, каде што има набиен снег на патиштата, и потсетува дека за товарни возила е задолжително користење синџири на овие делници.

Поради снежното невреме, сообраќајот е целосно запрен меѓу четири општини во југозападна Босна, како и на граничниот премин кон Хрватска во Изачиќ, извести синоќа Автомото сојузот на БиХ. Службите предупредуваат на нови снежни врнежи што дополнително можат да го отежнат сообраќајот.

Во делови од Херцеговина, снежните наноси, поттикнати од силниот ветер, значително го попречуваат сообраќајот. На делниците Посушје – Томиславград и Посушје – Блидиње, на товарните возила им е забранет сообраќајот.

Известено е и за честа појава на диви коњи на патот преку планинскиот премин Борово Глава меѓу Шуица и Ливно, што дополнително ја зголемува опасноста во сообраќајот.

Надлежните апелираат до возачите да ја прилагодат брзината на условите на патиштата и да користат зимска опрема, вклучувајќи синџири на тешките делници.

Метеоролошките прогнози најавуваат продолжување на снежните врнежи, па се очекува ситуацијата на патиштата дополнително да се влоши. Надлежните служби интензивно работат на расчистување и обезбедување проодност, но возачите се советуваат да избегнуваат патувања освен во итни случаи.

Во поголемиот дел од Србија, снегот паѓа од вчера попладне, со најголема количина во Бачка, Срем и Белград. Најинтензивни снежни врнежи се очекуваат на западот на земјата, каде што е во сила црвен метео-аларм. Во планинските предели се прогнозира до половина метар снег.

Автопатиштата и другите државни патишта од прва категорија се проодни, но во делови од Белград утринава сообраќајот е отежнат.

Денеска во Србија ќе биде облачно со снег, со зголемување на висината на снежната покривка. Навечер се очекува намалување на интензитетот на врнежите, а снегот ќе премине во дожд во Војводина, како и во Белград и централна Србија.

Најинтензивните снежни врнежи се прогнозирани во Мачванскиот, Колубарскиот, Златиборскиот, Рашкиот и Моравачкиот округ, каде што во пониските предели се очекуваат 20-40 сантиметри снег, а на планините над 50 сантиметри.

Во Црна Гора, учесниците во сообраќајот денеска ги очекуваат влажни и лизгави патишта, со намалена видливост. Во северните и делумно централните региони се забележани снежни врнежи. На патиштата во повисоките предели и преку премините е можен мраз. Чести се и ситни одрони на делниците што минуваат низ стрмни карпи.

Возачите се советуваат на претпазливо возење и почитување на сообраќајните правила. Според Заводот за хидрометеорологија и сеизмологија, на север ќе биде претежно облачно со слаб снег и невреме со ветер и снег.

Споделете