08/06/2025

Судски совет загрижен од ставањето судија на црна листа на САД

Судскиот совет изразува сериозна загриженост во врска со актуелната објава на Стејт департментот на САД за ставање на судија на “црната листа“.

-Ја нагласуваме својата посветеност за справување со секој облик на корупција во правосудниот систем во согласност со законите и етичките стандарди. Во таа насока Судскиот совет веќе превзема мерки согласно со неговите надлежности утврдени во Законот за судовите и Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија, се вели во соопшението.

Стејт департментот на САД завчера соопшти дека воведува санкции против поранешниот заменик-претседател на Владата на Северна Македонија Артан Груби и судијата на Апелацискиот суд Енвер Беџети поради нивна вмешаност во значителна корупција.

Според соопштението, Груби и Беџети примале мито со цел да ги поткопаат судските процеси поврзани со кривичната осуда на Сашо Мијалков, поранешен директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК). Мијалков беше санкциониран во 2022 година за значителна корупција според Секцијата 7031(в) од Законот за надворешни операции и поврзани програми на Стејт департментот. Покрај санкциите за Груби и Беџети, забрани за влез во САД се воведени и за членовите на нивните семејства.

Споделете