ООУ „Лазо Ангеловски“ осамна без ученици и со транспаренти за поддршка на третоодделенецот

Повеќе од 1.500 ученици денеска не се појавија на наставата во ООУ „Лазо Ангеловски“ во Ново Лисиче, по одлуката на Советот на родители за бојкот додека не се реши проблемот со насилниот третоодделенец, но училиштето осамна со транспаренти за поддршка на ученикот.
„Издржи мали, со тебе сме!“ пишува на едниот транспарент распнат на оградата на училиштето, а на другиот може да се прочита заканувачка порака „Малиот тука ќе учи!!!“.
Сите основни училишта во Аеродром одбија да го примат проблематичниот ученик. Потоа, по барање на родителите ученикот да биде испишан од „Лазо Ангеловски“, се бараше примање на тој ученик во ООУ „11 Октомври“ во Општина Центар, за што првично беше потпишана согласност од директорката, за подоцна самата да ја поништи согласноста, откако родителите на неформален начин стигнале до досието на ученикот и сфатиле дека се работи за ученик со проблеми во однесувањето.
Денеска во 11 часот закажана е средба во МОН со претставници од Општина Аеродром, на која треба да се одлучи што понатаму, откако вчера министерката за образование Весна Јаневска го прогласи ресорното министерство за ненадлежно за проблемот со ученикот.