08/06/2025

Mилош Вучевиќ: Веруваме во заедничка европска судбина и приказна за целиот регион на Западен Балкан

Српскиот премиер Милош Вучевиќ денеска е во посета на Македонија и на заедничката прес конференција со премиерот Христијан Мицкоски изјави дека е среќен поради тоа што неговата земја добива уште една линија за снабдување со природен гас.

– Енергетиката доминираше на нашиот состанок, а и македонскиот премиер, исто како и нас, е загрижен за енергетската самостојност. Мора да се синхронизира целиот Балкан, нѐ чека многу работа. Ние веруваме во заедничка европска иднина за целиот регион. Ние веруваме во заедничка европска судбина и приказна за целиот регион на Западен Балкан – рече премиерот на Србија и додаде дека тој и неговиот колега од Македонија денеска отвориле бројни теми, но дека доминирала темата енергетика.

Тој рече дека Македонија ѝ е пријателска соседна земја на Србија и му понуди на својот македонски колега почесто да прават заеднички владини седници, а предложи следната заедничка владина седница да се случи до крајот на годинава во Србија.

– За нас е многу значајно да имаме гас и ние не се одрекуваме од ниту еден гас. Сѐ што е во корист на Србија, ние ќе го направиме тоа. Треба да го зачуваме својот дом и нашите граѓани треба да бидат задоволни. За нас е многу значаен интерконекторот со Македонија. Да не зависиме од никој, тоа е нашиот пат – истакна Вучевиќ.

Двајцата премиери претходно потпишаа Меморандум за соработка меѓу македонското Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини и српското Министерство за рударство и енергетика.

Споделете