08/06/2025

Променето правилото за пенал во фудбал

Судиите кои судат под капата на УЕФА во иднина играта со рака како што на пример се случи на мечот меѓу Германија и Шпанија во четвртфиналето на ЕП ќе ја санкционираат со најстрога казна, пенал.

Тогаш судиите сметаа дека нема елементи за пенал, но во иднина ваквите ситуации ќе се третираат поинаку.

Ова го одлучи судиската комисија на УЕФА, мотивирана од ситуацијата на Европското првенство.

„Според најновите насоки на УЕФА, контактот на топката со рака која го запира шутот кон голот треба да се казнува и во повеќето случаи треба да се досуди најстрога казна, освен ако раката на дефанзивецот е премногу блиску до телото или прилепена со телото. Во овој случај како на мечот Шпанија – Германија, одбранбениот играч (Кукуреља) со раката која не е премногу блиску до телото го запира шутот кон голот“,  објавија од Судиската комисија на УЕФА.

Шпанија стана европски шампион и со прикажаната игра сосема заслужено се закити со таков статус, но ако треба да се пронајде една дамка околу целиот турнир на „црвената фурија“, тоа е моментот од дополнителните 30 минути во четвртфиналето против Германија.

Домаќинот на турнирот беше тимот кој најсериозно ја предизвика Шпанија на Европското првенство, а воедно беше оштетен и за чист пенал при резултат 1:1 во продолженијата.

Ударот на Џамал Мусиала заврши во раката на Марк Кукуреља и во дадената ситуација несфатливо беше како не се огласи Ентони Тејлор, но уште почудно беше тоа што не се огласија и луѓето во ВАР собата.

Германците беа очекувано лути и бесни откако Мерино подоцна погоди за победа и пласман во полуфиналето, а сега речиси три месеци подоцна, добија известување преку кое УЕФА призна дека била направена огромна грешка.

Во својата стандардна анализа за случувањата на Европското првенство, судиската Комисија при УЕФА соопшти дека домаќинот бил сериозно оштетен во дадената ситуација, бидејќи играњето со рака го направило поголемо телото на Кукуреља.

Споделете