08/06/2025

Макс Верстапен се повлекува од Формула 1?

Актуелниот шампион на Формула 1, Макс Верстапен, ја шокираше јавноста со најавата дека би можел да се повлече од спортот. Сѐ започна по инцидентот на прес-конференцијата на ФИА, каде што Верстапен беше казнет за пцовки.

ФИА му изрече казна во форма на општествено корисна работа, што беше главниот повод за неговото незадоволство.

На квалификациите во саботата, Верстапен се покажа видливо незаинтересиран за долги одговори на прашањата од новинарите. Наместо тоа, тој одлучи да комуницира надвор од официјалните прес-конференции, организирајќи импровизирани средби со медиумите.

Запрашан дали казната од ФИА поради пцовките би можела да доведе до негово рано повлекување од спортот, Верстапен одговори без двоумење – „апсолутно.“

„Се бориме до нашите граници, без разлика дали сме на врвот или на дното на гридот. Но, ако мораш да се справуваш со вакви глупости, за мене тоа е знак да размислам за иднината“, изјави Верстапен.

Доколку не се промени ситуацијата, Верстапен би можел да биде еден од ретките возачи кои го напуштаат спортот на врвот на својата кариера. ФИА, пак, не ги коментираше неговите изјави, оставајќи простор за дополнителни шпекулации.

Споделете