Бојан Стојаноски: 5000 денари покачување на пензиите од септември и март

Покачувањето на пензиите за 5000 денари беше едно од главните ветувања во изборната кампања, и тоа е остварено веќе во првата недела од мандатот на владата, посочи денеска на прес-конференција пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.
Тој напомена дека покачувањето ќе се реализира во два наврати. Како што рече, првото покачување од 2.500 денари пензионерите ќе го добијат во септември, тоа ќе биде трајно и линеарно, додека второто ќе го добијат во март идната година, кое исто така е трајно и линеарно.
-ВМРО-ДПМНЕ им честита на над 300.000 пензионери, тие конечно можат да бидат спокојни, премиерот Христијан Мицкоски и Владата донесоа одлука за линеарно зголемување на пензиите за 5.000 денари. Пензионерите никогаш повеќе нема да бидат лажени со еднократна помош која се продаваше како покачување од страна на СДСM и ДУИ, ниту пак со ситни покачувања, рече Стојаноски.
Како што посочи, пензионерите се луѓето кои ја граделе државата каква што е денес и мора да имаат достоинствен живот.