ВМРО-ДПМНЕ денеска ќе ги објави предлозите за членови на Владата

Денеска на седници на Централниот и Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ треба да ги утврдат кандидатите за министри од коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од партијата на мандатарот Христијан Мицкоски. Тоа тој го соопшти пред четири дена и најави дека во вторник, 18 јуни, до Собранието ќе биде доставен официјалниот список на кандидатите за членови на новата влада.
Во владата, која е реорганизирана со законски измени усвоени во Собранието, и ќе има 20 министерства, ќе учествуваат претставници на коалициите „Твоја Македонија“ и „Вреди“ и од партијата ЗНАМ.
Во изјава пред неколку дена мандатарот Мицкоски потврди дека опозиција ќе бидат коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ, коалицијата „Европска иднина“ предводена од СДСМ и политичката партија Левица.
По завршување на седниците на Извршниот и Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, се очекува од партијата да искочат со официјално соопштение за нивните кандидати за министри во новата Влада.