Љупчо Палевски на распит во обвинителството

Љупчо Палевски-Палчо во моментов е на распит во обвинителството, по околу 20 дена од неговата екстрадиција во земјава. Првоосомничениот за убиствата на 14 годишната Вања Ѓорчевска и на 74 годишниот Панче Жежовски ќе се соочи со доказите на обвинителството за случајот. Претходно се вештачеа предметите кои тој ги донесе со себе по спроведувањето од Турција, а меѓу кои имало и документи.
Палевски беше екстрадиран на 15 мај.
За прв пат со јавноста се соочи по неколку дена кога во Кривичниот суд се произнесе за околностите за неговиот притвор. Тој изјави дека е невин, дека не бил во бегство и дека нема да се брани со молчење.
Истрагата за Палевски може да трае максимум 6 месеци, по што би требало да се поднесе и обвинителен акт.
Се очекува оваа постапка потоа да се спои со судењето против другите обвинети, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски. Тие се обвинети дека биле соизвршители во грабнувањето и убиствата. Целта, според обвинението, им била да присилат член на потесното семејство на Вања да даде парични средства за откуп. Обвинет е и нејзиниот татко, Александар Ѓорчевски, кој се товари дека помогнал во грабнувањето на неговата ќерка. Тој тврди дека е невин, а неговата одбрана дека нема докази за делото за кое се товари.