Седница на Комисијата за изборите и именувањата, одржана првата координација

Во законодавниот дом денеска ќе се одржи седница на Комисијата за прашања на изборите и именувањата. Како што беше објавено на собраниската веб-страница, на дневен ред на првата седница на оваа Комисија се Утврдувањето Предлог-одлука за избор на претседатели, заменици, членови и нивни заменици на собраниските комисии, разгледување на барање од поранешниот претседател Стево Пендаровски за мирување на правото на пензија по престанување на функцијата и разгледување на барањата за остварување на плата по престанок на функција пратеник во Собранието на Република Македонија.
Претседателот на Собранието вчера ја одржа првата редовна координација со новиот собраниски состав. Претставниците на владејачките партии вчера по координативната седница изразија очекувања дека ќе го обезбедат потребното двотретинско мнозинство за да бидат изгласани овие промени. Додека пак, опозицијата нагласи дека прво сакаат да ги видат, па потоа да донесат заклучок за законските измени за реорганизација на министерствата.
Како што информираат од собраниската прес-служба, на координацијата било дискутирано за конституирањето на комисиите и нерформалните работни тела во Собранието.
Во соопштението се вели дека, Гаши притоа информирал дека кон крајот на оваа работна недела треба да се одржи нова седница за верификација на останатите два мандати на пратеници кои не беа верификувани на 28 мај. Од ДИК веќе имаат доставено извештај за овие два мандати, така што неделава се очекува да биде закажана седницата за нивно верификување, со што би се комплетирал собранискиот состав.
Во однос на формирањето на комисиите, на седницата била разгледана можноста во наредните денови да се изберат претседателите и членовите на Законодавно-правната комисија и на Комисијата за политички систем, со оглед на тоа што дека течат роковите за избор на новата Влада. Потоа, како што се наведува, во најкус можен рок политичките партии би требало да достават предлози за претседатели, членови и нивни заменици на сите други работни тела на Собранието.
На координативната седница, покрај Гаши и генералната секретарка Цветанка Иванова, присуствувале претставници на сите партии кои освоиле пратенички мандати на парламентарните избори – Никола Мицевски од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, Оливер Спасовски од коалицијата на СДСМ, Блерим Беџети од Европскиот фронт, Халил Снопче од ВЛЕН, Бобан Карапејовски од ЗНАМ и Борис Крмов од Левица.
Никола Мицевски вчера во изјава за медиумите рече дека очекува да се обезбеди потребното двотретинско мнозинство за да бидат донесени законските измени за промените на министерствата во Владата.
-Тоа е предизборно ветување што го дадовме на граѓаните и со кое ги запознавме во предизборниот период. Во моментов, работиме на Законот за организација на работата на органите на државната управа, односно преструктурирањето на одредени министерства и очекувам дека ќе добиеме поддршка од 80 пратеници за да може да функционира она што е барање на граѓаните, рече Мицевски во изјава за медиумите по денешната прва официјална координација на собранискиот спикер Африм Гаши со претставници на партиите.
Пратеникот Халил Снопче од коалицијата ВРЕДИ, вчера истакна дека даваат поддршка и очекуваат и останатите пратеници да ги поддржат измените на системските закони за да се овозможи формираање на нови и трансформација на веќе постоечките министерства.
-Нема причина да не се поддржи ова. Даваме поддршка на новиот владин кабиент. Треба двотретинско мнознство, за двотретинско мнозинство сигурно ни треба поддршка од пратеници од опозицијата. Без таква подддршка не може да помине. Ние сметаме дека треба да се поддржи ова барање во насока на конфигурација, вели изјави Снопче.
Пратеникот од опозиционата СДСМ, Оливер Спасовски истакна дека на невидено поддршка не може да биде дадена.
-Во однос на тоа дали ќе даддме поддршка по однос на законите за како што тие ја нарекуваат реформа на администрацијата, треба тие закони прво официјално да дојдат во Собрание. На невидено поддршка или неподдршка, не може да биде дадена. Треба да ги видиме законите. Што е тоа што пишува во нив, кој е официјалниот текст и на основа на тоа ќе донесемне заклучок, одлука, и на ниво на партија и на пратеничка група дали ќе бидат поддржани овие закони, рече Спасовски.
Блерим Беџети од коалицијата Европски Фронт рече дека законските измени поврзани за реорганизацијата на министерствата уште не биле стигнати до нив и потенцираше дека ќе дадат конкретен став откако ќе ги разгледаат.
-Во однос на предлог законот што се потребно двотретинско мнозинство, ние не сме го виделе се уште тој закон. Кога ќе го разгледаме, кога ќе стигне до кај нас ќе дадеме конкретни мислења и ставови. Ние не сме го разгледале, но факт е дека имаме и друг контекст, односно многу освен и начелен политички контекст каде што не се почитува волјата на мнозинството гласачи на Албанците и на другите етнички заедници, односно турската, бошњачката и ромската заедница кои се дел од „Европскиот форнт“ и нормално како нелегитимна, рече Беџети.